Средбите на премиерот Алексис Ципрас со лидерите на грчките политичките партии не донесоа позитивни сигнали, се вели во анализата на грчка „Антена“ за епилогот од консултациите за спорот за името кај јужниот сосед.
Лидерот на опозицијата Кирјакос Мицотакис веќе отворено се конфронтираше со Ципрас, кој има проблеми да обезбеди поддршка и во сопствената владејачка коалиција.
Но, првичниот неуспех да изгради политички консензус, се чини не го поколеба Ципрас, кој по средбите изјави:
„Ветувам дека во следниот период ќе работам со патриотска одговорност кон заедничко прифатливо решение… Одговорност е на грчката влада но и моја лична одговорност да затворам што е можно повеќе точки на конфронтација и да изградиме нова динамика, играјќи водечката улога на Балканот.“
Кирјакос Мицотакис- лидерот на најголемата опозициска партија Нова Демократија, по средбата со Ципрас кажа дека „нема да ги поделиме граѓаните во Грција за да ги обединиме во Скопје“.
Но додека критиките на опозицијата се очекувани, проблем е ставот на владејачката АНЕЛ на Панос Каменос. Се очекува партијата утре да излезе со став, но нејзини членови веќе изјавуваа дека нема да гласаат за име што го вклучува терминот „Македонија“.