Од Кривичниот суд информираат дека тие испратиле допис до Министерството за внатрешни работи да го најдат и лишат од слобода осомничениот во случајот „Труст“, Сеад Кочан, и да го спроведат во истражниот затвор „Скопје“.
-Се наложува на овластените службени лица од МВР на РМ, СВР Скопје, ОЕКР, Единица за извиди и потраги, Одделение за потраги-Скопје, по пронаоѓање и лишување од слобода на осомничениот С. К., да го спроведат на издржување на мерката притвор во КПУ Затвор Скопје – Скопје, а за истото веднаш да биде известен Основниот суд Скопје 1 Скопје, пишува во решението за притворот, објавено на сајтот на Основниот суд Скопје 1.
Во решението се наведува дека притворот е во траење од 30 дена, сметано од неговото лишување од слобода. Бизнисменот Кочан има право на жалба и тоа во рок од 24 часа по приемот на истото до Апелациониот суд Скопје.
Предмалку од МВР, пак, за „Фокус“ одговорија дека Кривичниот суд не побарал асистенција од нив. Од судот појаснуваат дека можеби МВР се уште не го добило или не го процесуирало нивното барање.