Костадиновска-Стојчевска: Свирежите на прославата на Рамковниот договор се провокација

by fokus

Како провокации ги оцени свирежите на македонскиот јазик на прославата на Рамковниот договор министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

-Провокации секогаш има и ќе има, тоа не значи дека треба да се остане нем на ваква појава. Но, сепак верувам дека тие провокации воопшто не биле од некои од чинителите на власт и се надевам дека тоа исвиркување било на некој сосема друг сегмент, рече министерката во гостувањето на Жешко политичко лето на Канал 5 во одговор на прашање дали Владата ќе реагира на свиркање на македонскиот јазик на пославата за Рамковниот договор.

Според неа, провокација е и денешниот случај кога членови на Здружение на Бугари во земјава го чистело споменикот на Гоце Делчев во Скопје и притоа на него поставиле бугарско знаме.

-Ние како држава се грижиме за нашето културно наследство, што ги вклучува спомениците и сите други спомен обележја. Не би сакала да коментирам зошто и кои се побудите зошто бугарското знаме е поставено на овој споменик, но сепак на некој начин овде станува за некаква провокација која во вакви деликатни времиња навистина не ни е потребна на ниту една од двете држави, рече министерката за култура.

Таа во гостувањето говореше и за вметнувањето на Бугарите во Уставот и притоа истакна дека не гледа ништо лошо во таков чин.

-Со внесувањето на Бугарите во Уставот паѓаат во вода политичките тези дека се оди кон бугаризација, асмилиација..Тука е проблемот на опозицијата, бидејќи знаат што тоа ќе значи дека ќе имаме македонски народ од една страна и Бугари во Устав кои се застапени со одреден процент. Сигурна сум дека ниту еден слободоумен граѓанин нема ништо против Бугарите, Црногорците, Хрватите и сите други помали групи да бидат вметнати во Уставот бидејќи со тоа се прави многу јасна дефиниција дека постои македонски јазик, култура и идентитет, застапен од македонскиот народ во Република Северна Македонија и постои култура, идентитет и јазик на други групи на граѓани кои заборуваат други јазици различни од македонскиот јазик, рече таа.

Во врска со тоа дали има мнозинство за измени на Уставот и дали се подготвува „некакво сценарио со поткуп, притисоци“, министерката за култура вели дека „ова не е власт која што носи закони за доброто на државата и за сите кои сите живееат во неа, со уцени, поткуп или закани“.

Таа смета дека Бугарија нема нови барања од земјава на патот кон ЕУ, а за тоа дали нешто потајно посакува, вели не би можела да зборува.

-Бугарија може потајно да посакува се што поскаува, а дали тоа ќе се оствари досега покажавме во однос на тоа, какви беа барањата предходно и кои се брањата денес дека се додека СДСМ е на власт тие ќе удрат во ѕид, вели министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска во „Жешко политичко лето“, одговарајќи на прашањето во врска со тоа дали Бугарија потајно посакува нашите автори да не творат за историјата.

Поврзани новости