Во тензична атмосфера, со расправии и викотници, по трет пат во Основниот суд – Скопје 1 започна судењето за „Ровер“, во кој еден од обвинетите е поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски.
На почетокот на судењето, Бошкоски побара збор и му посочи на судијата Илија Трпков дека располага со основано сомнение оти не само предметот „Кампања“, за кој беше осуден, туку и случајот „Ровер“ бил политички договаран и монтиран.
– За овој предмет е договарана висината на казната, заштитениот сведок, а имам сомневање дека судијата Трпков директно е инволвиран. Затоа не можам да дозволам мојот прогонител и извршителна полицијата да ме суди. Затоа морам да заминам од судницата – рече тој и си замина од судницата.
По него стана и обвинетиот Зоран Трајковски, кој, исто така, излезе од судница, порачувајќи му на судијата дека не може да го гледа овој циркус, па дури и му предложи на судијата повторно да му одреди притвор. Тој порача дека до крајот на судењето нема да си замине, но времето наместо во судница, ќе го помине во судскиот ходник.
Во име на Бошкоски, се обрати неговиот адвокат Константин Кратовалиев, кој истакна дека Бошкоски му соопштил дека има веродостојни информации, дека истите извори, кои до специјалната обвинителка Катица Јанева ги доставија прислушуваните материјали од „бомбите“, доставиле и прислушувани материјали за монтирање на „Ровер“.
– Постојат 18 транскрипти со повеќе од 1 час телефонски разговори, во кој се вклучени лица учесници во овој процес со што се доведува во прашање легитимитетот на постапката. Наводно, како што ми беше кажано, во разговорот се зборува за подготвување, водење и донесување на одлука за случајот – рече тој и побара овој суд да ја прекине постапката се додека обвинителката не ги разгледа метеријалите и не завземе став за тоа дали ќе бидат превземени процесни дејствија.
Кратовалиев, заклучи дека во спротивно би можело да се дојде до апсурна ситуација, односно наместо еден процес, во исто време да се водат два паралелно. Тој додаде и дека овој предмет ќе биде еден од првите со кој ќе се зафати специјалната обвинителка.
Судијата Трпков, кој по трет пат е претседател на судечкиот совет за „Ровер“, кој два пати паѓаше на Апелација, поради низа правни пропусти, истакна дека суделе врз основа на закон, и така ќе продолжеле се додека не добијат известување од специјалната обвинителка. Тој им порача на обвинетите и на нивните бранители дека можат да побараат негово изземање.
Адвокатот на Бошкоски, Драган Гоџо, пак, реагираше за начинот на кој судијата го водел процесот, забележувајќи му дека не водел записник. Му порача дека кога во судницата ќе влезат снимателите од медиумите, наместо како што е праксата, да ги снимаат нив и обвинетите, камерата да ја вперат во него, бидејќи како што рече тој бил режисерот во случајот.
Неговиот колега Дончо Наков додаде дека овој процес не може да се води без присуство на првообвинетите четворица.
-За да некој биде обвинет, треба прво да се легитимира. Во обвинението тоа не е направено, а не е утврдено и точно од која држава се, а им судиме веќе со две пресуди. Зошто, пак, Апелација досега не реагираше на оваа околност не ми е јасно, но за тоа си има повисок суд пред кој ќе одговараат, истакна наков.
Адвокатот Димитар Савовски од судијата Трпков бараше со име и презиме да ја наведе во записник обвинителката Лидија Раичевиќ-Вучкова, која не се појави на денешното рочиште. Судијата истакна дека нема информација зошто обвинителката не е присутна, на што реагираа адвокатите и бараа да се дознае точната причина.
Поради неприсуството на обвинителката, судијата одлучи да го одложи судењето за 2 декември.
Според првостепената пресуда, за убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев, од 2001 година, обвиентите Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ добија казна доживотен затвор, Вук Вукичевиќ беше осуден на 15 години затвор, Бошкоски доби казна затвор од 10 години и шест месеци, првиот човек на обезбедувањето на Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски доби осум години и шест месеци, по седум добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по пет години и шест месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски.