Бизнисменото Орце Камчев првата помош ја побарал од премиерот Зоран Заев, односно кај него се пожалил дека е рекетиран, а потоа премиерот ги известил републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески и шефицата на организиран криминал, Вилма Русковска, дознава „Фокус“ од доброупатени извори.
Јавниот обвинител Јовески за „Фокус“ потврди дека премиерот Заев бил кај него и кај колешката Русковска да пријави случај за рекет, но тие му порачале дека е подобро сведокот самиот да пријави.
-Обвинителството прави напори овој случај да го истражи до крај. До кого и да стигнеме ќе постапиме соодветно, ни изјави обвинителот Јовески.
Премиерот Заев на вчерашната прес конференција изјави дека бизнисмени лично му се пожалиле дека им бил баран рекет, а тој пријавил во обвинителството.
-Се обратиле бизнисмени до мене кои не се од Скопје дека биле уценувани и се знае, како што постапува секој граѓанин така постапува и премиерот – го пријавил тоа. Потенцирам, премиерот тоа го пријавил, рече Заев вчера на прес-конференција.
Валентина Вурмо