Јосифовиќ: Алек Теранова за Груевски бараше офшор компанија за недвижнини

by fokus

Денеска во Кривичниот суд, на рочиштето за “Плацевите на Водно”, своја одбрана даде и обвинетиот Ненад Јосифовиќ. Тој пред судот појасни дека тој бил првиот сопственик на фирмата “Сирах Лимитед” во Белизе, која потоа основала фирма ќерка во Македонија, преку која пак Никола Груевски си ги купил тајните плацеви на Водно.

-Согласно добиената меѓународна правна помош од Кипар, која ја доби обвинителството, беше наведено дека јас сум вистинскиот сопственик на компанијата “Сирах лимитед” во Белизе, истакна Јосифовиќ.

Тој појасни дека фирмата ја регистрирал преку интернет, од страна на регистрационен агент. Потоа пак истата ја отстапил на Алек Теранова.

-Во една прилика Александар Ивановски ме праша дали имам странска компанија за потребите на Никола Груевски, а која би се занимавала со градежништво. Му кажав дека имам фирма на мое име и дека можам да му ја дадам да се послужи. Отидовме во адвокатска канцеларија Чукич и Марков и му дадов одврзани раце на Алек да располага со компанијата. На сметката немаше средства, истакна Јосифовски.

Тој дополни дека како што му кажале, Груевски сакал да ја користи фирмата во областа на градежништвото, односно недвижности.

-Оттогаш сум немал никакви активности со фирмата, истакна обвинетиот.

Кога пак почнало објавувањето на “бомбите” во 2015 година дознал за што била искористена фирмата.

-По објавувањето на “бомбите” дознав за што била употребена фирмата. По тоа за истото го известив Орце Камчев. Тој ми кажа дека ќе оствари средба со управителот на “Сирах инженеринг”, Ристо Новачевски и дека има намера истата да ја купи, истакна обвинетиот Јосифовски.

На прашање на обвинителката Лиле Стефанова, тој рече дека од сметката на офшор компанијата, во Кипар, неколку пати префрлил средства на фирмата ќерка во Македонија.

-Беа префрлени милион и нешто како основачки влог на “Сирах инженеринг”, истакна Јосифовски.

На прашање на обвинителката, дали некој освен Алек побарал фирмата да ја отстапи му ја отстапи на Александар Ивановски, истакна дека можеби тоа му го кажал и Сашо Мијалков.

Отстапувањето на фирмата пак било направено во адвокатската канцеларија “Чукич и Марков”.

Тој појасни дека фирмата денеска била затворена, по негов налог.

В.В.

Поврзани новости