Јавниот долг годинава 60%, во 2021 година ќе се зголеми за еден до два процентни поени, прогнозира НБ

by fokus

Народната банка, според прелеминираните проценки, очекува оваа година јавниот долг да биде околу 60 проценти, а наредната година да се зголеми за еден до два процентни поени. Особено е важно, според гувернерката на НБ, Анита Ангеловска Бежоска, буџетските расходи целно да се насочени кон поддршка на растот и потенцијалот на економијата.

Макроекономските проекции на Народната банка во однос на фискалната политика, ги вградуваат најновите расположливи информации, според коишто оваа година буџетскиот дефицит би се позиционирал некаде на околу 8,5 проценти од БДП, а потоа би дошло до постепена фискална консолидација. Притоа од НБ напоменуваат дека буџетот за 2021 година сѐ уште не е усвоен, а новата фискална стратегија исто така сѐ уште не е донесена.

– Оттука, не располагаме со попрецизни податоци, но според наши оцени, финансирањето на дефицитот би било комбинирано и од домашни и од надворешни извори. Дополнително, проекциите претпоставуваат и интензивирање на јавните инфраструктурни проекти, што значи и дополнително надворешно задолжување на јавните претпријатија, а ефект врз јавниот долг ќе има и најавата за користење на средства од новата кредитна линија на Развојната банка. Со вака вградените претпоставки, според прелиминарните оцени, а имајќи ги предвид и отплатите коишто достасуваат во последниот квартал, оваа година очекуваме јавниот долг да биде околу 60 проценти, а наредната година да се зголеми за еден до два процентни поени, велат од НБ.

Ова, според гувернерката Анита Ангеловска Бежоска, е очекувано со оглед на потребната контрациклична фискална политика, но она што е важно буџетските расходи да се целно насочени кон поддршка на растот и потенцијалот на економијата. На таков начин ќе се овозможи и побрзо стабилизирање на нивото на јавниот долг на среден рок.

Според неа, тешко е да се каже по кои услови и како државата ќе се задолжува во натамошниот период. Сега за сега последните состојби упатуваат дека состојбата е стабилна. Неизвесноста зависи од многу фактори. Последните податоци за ноември покажуваат натамошно стабилизирање на финансиските пазари што во голема мера се врзува со информациите што се пресликуваат во напредокот во делот на пронаоѓањето на вакцините против Ковид-19.

Оваа година, како што посочи гувернерката, се забележува значајно поместување кај јавниот долг отприлика од 11 проценти поени од БДП, што е одраз на поекспанзивната фискална политика, поголемиот буџетски дефицит во насока на преземање мерки на здравствениот сектор и ублажување на ефектите од кризата.

– Ако ги погледнеме и проекциите на ММФ за растот на задолженоста може да се види дека очекувањата се генерално во Европа, вклучително и во нашиот регион, да дојде до позначајно зголемување и на буџетскиот дефицит за оваа година и на нивото на задолженост. Порастот на нивото на јавен долг во регионот во просек е проектиран на 10 до 12 проценти што отприлика упатува на слична динамика на пораст на јавниот долг како и кај нас, наведе Ангеловска Бежовска, во одговор на новинарско прашање на прес-конференција за најновите макроекономски проекции на НБ.

Поврзани новости