Училиштата и угостителските објекти во Грција остануваат затворени до 7 јануари 2021 година

by fokus

Новогодишните и божиќните празници, Грците ќе ги поминат со затворени кафулиња и угостителски објекти, со оглед на тоа дека заедно со училиштата, објектите за забава, судовите, спортските активности и ски центрите во цела Грција ќе останата затворени до 7 јануари 2021 година, како што денеска соопшти портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на редовниот брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно, до 7 јануари продолжена е и забраната за јавни собири, но и полицискиот час што е веќе во сила, забрането е и патување меѓу региони, а Пецас истакна дека „речиси е сигурно дека смс пораките ќе продолжат да бидат во сила“, односно испраќањето порака при секое излегување од дома.

За сите оние кои од странство се враќаат во Грција, ќе треба да имаат негативен ПЦР тест, ќе бидат подложени на рапид тест при пристигнувањето, а за периодот од 18 декември до 7 јануари ќе треба да бидат во десетдневен превентивен карантин.

За работата на црквите, фризерските салони и продавниците за малопродажба што се затворени поради карантинот, Пецас рече на крајот од седмицава Владата ќе излезе со соопштенија, а за работата на црквите за време на божиќните и новогодишните празници, грчкиот премиер во следните денови ќе стапи во контакт со поглаварот на Грчката православна црква.

-Бидејќи заштитата на јавното здравје и човечкиот живот не се ставаат на вага, враќањето во нормала ќе треба да биде постепено и безбедно. Нашиот пат ќе биде побавен, но посигурен и побезбеден. Имајќи го предвид ова и по соодветните препораки на Комисијата на експерти, Владата денеска соопштува кои сектори на економската и социјална активност нема да бидат отворени до крајот на празниците, рече Пецас, соопштувајќи ги владините одлуки.

Во однос на божиќните и новогодишните празници, објасни дека препораката е граѓаните да бидат во кругот на семејството или две семејства заедно, но не повеќе од девет лица, а во следните денови ќе се разгледа дали за конкретните денови, односно за Божиќ и Нова година ќе има промени и отстапки од полицискиот час од 21 до 5 наутро.

Грција точно еден месец е во карантин и со полициски час, а на денешниот редовен брифинг со новинарите, владиниот портпарол рече дека намалувањето на новите случаи оди побавно од очекуваното, „поради заморот на сите нас, по десет месеци битка со невидливиот и подмолен непријател“.

Како пример спомена дека за време на вториот карантин, раздвиженоста на граѓаните е за околу 20 отсто поголема споредбено со првиот карантин.

Дополнително ги презентираше и последните податоци за пандемијата во Грција, велејќи дека постои стабилизирање или благо намалување на новите случаи на дневно ниво.

Рече дека во просек, изминатата седмица имало 1.609 случаи дневно, наспроти 2.352 нови случаи во периодот од 5 до 11 ноември, односно во првата седмица од карантинот, додека пак додаде дека „бројот на пациенти останува висок, 4.008 лица, наспроти 4.079 на 20 ноември“.

Сепак, истакна дека со големиот број пациенти приклучени на апарати и со исполнетите кревети на Одделите за интензивна нега, продолжува притисокот врз здравствениот систем.

Побара од граѓаните да го надминат заморот, да останат претпазливи, да нема опупштање, бидејќи како што рече „ако се опуштиме, ќе го платиме“ и изрази надеж дека во следните месеци ќе се извојува победа над коронавирусот.

-Заедно со овогодинешниот поразличен Божиќ, доаѓа и надежта што науката ја носи во целиот свет, за безбедни и ефикасни вакцини. Да се погрижиме, со нашето однесување, да го намалиме епидемиолошкиот товар низ целата земја, добивајќи време што ќе нè приближи до конечниот излез од оваа здравствена криза, порача портпаролот на грчката Влада на денешниот брифинг со новинарите.

Поврзани новости