Никола Груевски денеска јасно призна дека случајот „Пуч“ е политички монтиран и призна страв од новиот специјален јавен обвинител, велат од СДСМ, реагирајќи на текст објавен во, како што велат, партиското гласило на Груевски, „Курир“, со наслов “На Заев му е потребен Специјален јавен обвинител да го ослободи од Пуч“.
„Тоа значи дека Груевски знае дека не постои дело „Пуч“, штом на уште неизбран, не именуван специјален јавен обвинител, прогнозира дека новиот обвинител ќе го отфрли делото „Пуч“. Кај специјалниот јавен обвинител одат сите предмети во врска со прислушувањето и содржините од него и тоа е болката на Никола Груевски, но за тоа требал да мисли кога ги правел криминално – корупциските скандали. Наивно од Груевски ако се надевал дека Марко Зврлевски вечно ќе му ги покрива, а тој комотно цел живот ќе ги малтретира граѓаните и Република Македонија“, се вели во соопштението на СДСМ.
Оттаму додаваат дека на премиерот Груевски не му одговара ниту да се среди состојбата во медиумите.
-Што се однесува до средување на состојбата во медиумите, потсетуваме дека тоа е обврска од Извештајот на експертската група на ЕК, предводена од Рајнхард Прибе, која што констатираше дека и покрај Аудиовизуелниот медуимски сервис, земјава пати од медиумска криза, која што, цитираме “стана далеку полоша во текот на изминатите неколку години“.
Стравот на Груевски и за независни медиуми е оправдан, бидејќи, што би бил Груевски без медиумите?!
Но договорот 2 јуни / 15 јули е постигнат и назад нема“, велат од СДСМ.