Градоначалникот на Демир Хисар пуштен дома, во полиција се правдал дека снимката е од јануари

by fokus

Марјанчо Стојановски, градоначалникот на Демир Хисар, по синоќешниот распит во полициска станица набрзо е пуштен дома, информираат од МВР. Тој беше приведен откако во јавноста се појави видео снимка на која се гледа дека се заканува на вработени во градинка, и им вели дека ги прислушува, потсетувајќи ги дека претходно работел во МВР. Од МВР појаснуваат дека градоначалникот имал објаснување за снимката, односно снимена била во јануари, а додаваат и дека продолжуваат да работат на расчистување на овој случај.

-Денеска по насока на Јавно обвинителство Битола, повикан е на информативен разговор во Полициска станица од општа надлежност Демир Хисар М. С. (49), градоначалник на општина Демир Хисар, поради објавена снимка во медиумите во текот на денешниот ден.

М.С. во разговорот изјави дека снимката која се појавила на интернет е од протест во О.У. Гоце Делчев во Демир Хисар кој се случил во средината на месец јануари 2018 година. Протестот се одржал заради промена на две учителки во други подрачни училишта.

По насока на обвинителство М. С. е пуштен во 20.30 часот, а во врска со овој случај ќе се повикуваат повеќе лица на службен разговор со цел негово целосно расчистување, информираат од МВР.

Поврзани новости