Георги Миладинов: Очекуваме ослободителна пресуда за „Изгрев“ и крај на партизираното судство!

by fokus

По речиси седум години „шетање“ по судските лавиринти, 21 месец поминати во притвор, браќата Миладинови од Струга, како и останатите обвинети во судскиот случај „Изграев“, по трет пат ќе седнат на обвинителна клупа во Основниот суд Скопје 1, откако, како што вчера објавивме, Апелациониот суд одлучи да ја укине првостепената пресуда и случајот да го врати од почеток. Апелација по втор пат не е задоволна од првостепената пресуда, а сега и наложи процесот да се води пред нов изменет совет.

Апелација ја укина пресудата според која Димитар Миладинов доби две години затвор, а неговиот брат Георги, 2,6 години за кривичното дело перење на пари,. Се укинуваат и девете месеци за адвокатот Димитар Савовски, како и затворската казна од една година и три месеци за обвинетиот Димитар Голабовски, кој е сопственик на фирмата „Агора консалтинг. Условна казна затвор, со веќе укинатата пресуда, добија референтката од струшкиот Катастар, Сузана Блажеска, од 1,6 година, а две години Златко Фармакоски, советник за геодетски работи во Агенцијата за катастар во Струга.

Обвинетите се уште не ја добиле одлуката на Апелација, истакнувајќи дека за неа се информирале од медиумите. „Фокус“ разговараше со Георги, кој истакна дека од новото судење не очекува ништо друго, туку само ослободителна пресуда.

-Од третото полувреме сега со новиот судски совет очекувам конечно ослободителна пресуда по сите точки на обвинението. Несфатливо е како првостепениот суд се мачеше 7 години да докаже монтиран процес. Длабоко верувам дека во Македонија работите се менуваат на подобро и дека конечно ќе имаме право на слобода на претприемаштво и договарање и дека државата нема да врши линч за да заштити бизнис и партиски елити. Во тоа судството треба да одигра клучна улога, истакнува Георги Миладинов за „Фокус“.

Тој додава дека неопходни се промени и во обвинителството.

-Во обвинителството треба да дојдат професионалци кои нема да бидат марионети на полицијата. Ова обвинение за „Изгрев“ е врв на апсурдот и покажува како во Македонија функционира партизирана држава каде се перат милијарди народни пари под закрила на демократијата и патриотизмот, а народот се замајува и се  држи во страв. Верував и 2008 година кога не апсеа на брутален начин, и кога лежев во ќелија од 12 квадратни метри дури 642 дена и не знаев зошто, и сега после скоро седум години, дека има иднина и не заминав од тука. Ќе останам до крај заради себе, заради моите деца и нема да дозволиме ова повеќе никому да му се случи, истакнува Миладинов.

Случајот „Изгрев“ во судница влезе во 2009 година, кога браќата Миладинови беа обвинети за финансиски малверзации и за манипулации со хотелот „Изгрев“, а за помагање беа обвинети неколкумина адвокати, судии, нотари. Приведувањето на осомничените се случи кога Македонската православна црква на јавна лицитација повторно ја поврати сопственоста на хотелот.

Со првостепената пресуда, браќата беа осудени на 6,5 години затвор, но оваа одлука беше укината од Апелација и случајот беше вратен на повторно судење.

На изрекувањето на пресудата не присуствуваше обвинителката Гордана Гешкоска.

Поврзани новости