Фуере смета дека изјавата на Хан за подготвителната фаза на преговори, која беше насочена кон скептиците на проширувањето, претставува недобредојден компромис со нив, исто како и одлагањето на извештаите за напредокот.
-Разочарувачки е што Европската Комисија не ги почитуваше роковите за извештаите за напредокот, што требаше да се објават неделава. Мислам дека ова е стратешка грешка. Знаеме зошто го направија тоа, но што повеќе правите компромис толку повеќе креирате двосмисленост и толку повеќе ја играте играта на оние кои не сакаат повеќе проширување, смета екс-амбасадорот во земјава.
Тој смета дека ваквите изјави и потези не помагаат и дека Комисијата треба да се фокусира на тоа да и објасни на јавноста кои се бенефитите од проширувањето и се надева дека нема да има одлагање на одлуката за преговори во јуни.
-ЕУ се соочува со критичен предизвик, ако не ги донесе одлуките што очекуваме да ги донесе навистина ќе се поткопа кредибилитетот на заложбите на ЕУ кон проширувањето, убаво е да се каже дека не треба да се избрзува, но овие земји добиле ветување дека доколку ги започнат реформите, нивните напори ќе бидат наградени, и посебно во случајот со Северна Македонија и постигнувањето на Преспанскиот договор, ова треба да е доволно, вели Фуере.
Како и мнозинството дипломати во Брисел, тој смета дека СЈО треба да продолжи непречено да работи и е загрижен од можните ограничувања во неговата работа како резултат на компромисите со опозицијата.
-Загрижен сум кога го гледам бројот на компромисите што се прават во новиот закон за СЈО, бидејќи тоа оддава впечаток дека неговата улога може да биде поткопана, обвинителката треба да одигра критична улога за да донесе правда за злосторствата од минатото, да не заборавиме дека слоганот на оние кои водеа кампања за промени беше дека нема мир без правда, потсетува поранешниот ЕУ амбасадор во нашата земја.
Тој предупредува и дека дури и да нема преговори во јуни, Владата и сите главни чинители не смеат да се откажат од реформските напори и никој не смее тоа да го користи во политички цели.
-Најголемата слабоста што ја имаше Македонија во претходните години беше недостатокот на политички консензус, посебно за надворешната политика и Владата на Заев ја покажа важноста на политичкиот консензус, дури и да нема одлука во јуни, и јас го разбирам разочарувањето кое ќе настапи во Македонија, тоа не смее да се интерпретира како оправдување за одлагање на реформите, нагласи Фуере.(МИА)