Владата создаде совет со кој што не знаеше што да прави, бидејќи кога ќе создадете таков совет од таков карактер на луѓе и експертски профил на луѓе вие мора да очекувате дека тој совет ќе расправа суштествено за некои прашања од реформата, изјави универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Фрчкоски кој е дел од советот за реформи во правосудството потенцираше дека проблемот е во тоа што се случил блокирачки судир помеѓу советот и послабите интелектуално експертски групи на Министерството за правда и бирократијата.
Тој додаде дека иако тие не биле луѓето кои одлучувале каква ќе биде владината политика, сепак добро би било да постои еден резервоар на идеи и решенија кои на бирократијата не можат да им текнат по логика на знаењето и на експертизата.
– Штета што тоа не беше искористено и се претвори во некако судир на советот и луѓе од советот со заменик министерот за правда, со некои стручни таму соработници. Тоа се претвори се во една досадна македонска шема, истакна Фрчкоски.