ДС: Сите да се вклучат во спорот со името, но одговорноста е кај партиите од власта

by fokus

Демократскиот сојуз вели дека ја поддржува определбата на Владата, во процесот на градење стратегија за разрешување на спорот со името да ги вклучи сите релевантни партии, државно политичкиот врв, како и експерти по меѓународно право, историчари, лингвисти, правници, политиколози и други.

„Само со целосна транспарентност и објективно информирање е можна поддршка од граѓаните во градењето на решенија и носење на конечна одлука, без разлика дали граѓаните ќе се изјаснат пред или по постигнување на договор со кој ќе се деблокираат евроатланските процеси. Одговорност за иднината на државата имаат сите, но тежината ќе падне на партиите од власта, кои имаат обврска да обезбедат поширок и политички и граѓански консензус“, велат од партијата.

Од таму порачуваат дека време е за државничко однесување, лидерство и визија за наредните педесет години.

„Грешка не смееме да направиме ниту спрема генерациите пред нас ниту за тие што доаѓаат. Не смее да има дилеми дека се работи за автентично Македонско прашање, кое пред 115 години го дефинирал големиот деец Крсте Петков Мисирков и дека за него одлучуваат пред се’ Македонците. Се разбира во целиот процес треба да бидат вклучени и останатите делови од народи кои живеат во Македонија, како придобивка на демократските и цивилизациските вредности“, се наведува во соопштението од ДС.

Поврзани новости