Дека оваа Влада се грижи само за личната корист на олигарсите, а не за интересите на мнозинство на граѓани го докажува уште еднаш во случајот на „Југохром“. Помина еден месец од крајот на третиот проодлжен рок за овој канцероген загадувач да го започне процесот на поставување на филтри, а Владата продолжува да молчи, аламира движењето „Еко Герила“.
Движењето се повикува на потврда од Министерството за животна средина и просторно планирање дека „Југохром“ ги нема реализирано предвидените работи кои се дефинирани во Оперативниот план.
-Со тоа, овој загадувач продолжува со труење и уништување на здравјето на околу 300.000 жители на Тетово и околината. Движењето „Еко Герила“ бара од Владата во најкраток можен рок да излезе со одлука за оваа мошне загрижувачко прашање за жителите на Тетово и околината. Ја изразуваме нашата огорченост за заобиколување и тенденциозно одолговлекување од еден месец за донесување на одлуката во согласност со законите, се вели во реакцијата од Еко Герила.
Од движењето велат дека станува збор за кривично дело, бидејќи не е спроведен и третиот дополнителен рок, што всушност значи продолжување на крајниот датум а тоа не е сторено. Движењето најавува нови мерки на реагирање.
-Ќе бараме законска одговорност од надлежните лица. Овој пат бараме од Владата строго да го примени Уставот и законите на Република Македонија , така што истите ќе вредат како и во случајот на Макстил во Скопје, така и за Тетово. „Еко Герила“ како граѓанско движење повеќе од година дена врши сензибилизирање на јавноста и одговорните институции за овој проблем. Секоја евентуална одлука која ќе биде спротивна на Уставот и законите од страна на Владата ќе придизвика поостра реакција од страна на граѓаните, велат од граѓанското движење.