На Љубе Бошкоски му биле прекршени правата на фер судење, во случајот „Кампања“, пресуди Судот за човекови права во Стразбур. Тој во случајот беше обвинет за нелегално финансирање на неговата партија Обединети за Македонија за време на изборите во 2011 година.
Судот констатира дека во текот на целото судење имало „недостиг на правичност“ согласно Европската конвенција за човекови права, поради што пресуди да му бидат исплатени 4.500 евра за нематеријална штета и 1.220 евра за судски трошоци.
Судот посочува дека истражен судија решил да му додели статус на заштитен сведок на пријател на Бошкоски.
„Специјалните процедури беа задржани и во текот на судењето, а судијата од Основниот суд сметаше дека сè уште постојат закани за сведокот. Судијата од првостепениот суд нареди три рочишта да се одржат зад затворени врати, за време на кои требаше да се сослуша заштитениот сведок и да се прегледаат аудио и видео снимки, како дел од тајното следење на средбите меѓу жалителот и сведокот“, се вели во пресудата на судот во Стразбур.
За овој случај Бошкоски беше осуден на седум години затвор, а потoа Апелација му ја намали казната на пет години затвор.