Секое понатамошно неефектуирање на европската перспектива на регионот и неизвесноста на намерите на ЕУ, создава вакум кој што може да биде пополнет од други глобални актери и ја поткопува улогата на Унијата на меѓународната сцена, со што добива и безбедносни димензии.
Ова било истакнато на денешната средба во Вилнус меѓу вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и премиерката на Литванија Ингрида Шимоните. Димитров, по вчерашната посета на Летонија, денеска во Вилнус продолжува со балтичката турнија.
На средбата се разговарало за изгледите и предизвиците за отпочнување на пристапните преговори на Северна Македонија, а беа разменети мислења за актуелните состојби во земјите од двата региони.
Како што соопшти СЕП, соговорниците се согласија дека прашањето за отпочнување на преговорите на Северна Македонија за полноправно членство во ЕУ има силни регионални реперкусии и геополитички импликации.
-Процесот на проширување има и изразена безбедносна димензија – безбедноста и стабилноста на Западниот Балкан се интегрално поврзани со безбедноста и стабилноста на ЕУ и целиот европски континент, рече Димитров.
Премиерката Шимоните потенцираше дека Литванија ќе продолжи активно да ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија.
Вчера за време на средбите во Парламентот во Рига, Димитров од летонските пратеници добил порака дека секое натамошно одложување на пристапните преговори со С Македонија испраќа деморализирачки сигнал до земјите од Западниот Балкан, до сите оние земји кои решително ги спроведуваат демократските реформи со крајна цел влез во ЕУ.
Летонскиот министер за надворешни работи, Едгарс Ринкевичс по вчерашната средба во Рига со вицепремиерот Димитров рече дека С Македонија постигна неверојатен напредок во процесот на приближување кон ЕУ и изрази надеж дека ќе стане 28-та земја членка на ЕУ.