Игла во сено да беше, ќе се најдеше за три недели, каде е син ми, прашува мајката на Илија

by fokus

До денес веќе станаа три недели откако син ми Илија Лазаревиќ (30) излезе од дома, рече дека ќе се врати за ручек, но тоа не се случи. Каде е моето дете? Можно ли е никој никаде да не го видел, да не го слушнал, никој ништо да не знае повеќе од 20 дена?- прашува Снежана Лазаревиќ од Демир Капија, по чиј син се трага.

Во телефонски разговор мајката раскажува дека постојано е во неизвесност, и како одминува времето, нејзината загриженост се повеќе расте.

Илија, кого го опишува како добро и вредно дете, кое секогаш си го заработувало својот денар, имал колеги и пријатели низ целата земја. Загрижена е што ниту еден негов другар, колега или познаник нема никаква информација за него, што со никој се немал слушнато цели три недели.

-Никогаш не се случило вакво нешто, да не каже каде е, со кого, што прави. Го снема во петок на ручек, пред три недели, телефонот му е исклучен од наредниот ден од исчезнувањето, од саботата навечер.
Презагрижени сме сите, неговиот брат со семејството живее во Србија, и тој е избезумен од грижи. Кога излезе од дома, Илија имаше со себе околу 3.000 денари. Со тие пари, што би правел, речиси цел месец? Не знаеме што да мислиме повеќе, апелираме било кој ако има информација, веднаш да се јави во полиција. Да знаеме дека жив и здрав, веќе сме при крај со силата – вели мајката.

Разговарала речиси со сите негови пријатели и познаници, ниту еден од нив немал контакт со Илија од денот кога го снема. Се сомнева дека каде и да и се наоѓа детето, не е таму по своја волја, бидејќи е возрасна личност и не би дозволил семејството да живее со вакви грижи, без да им се јави.

-Од полицијата ми кажуваат дека истрагата е во тек, дека се работи на случајот. Но, ете, тоа е вистината, него се уште го нема. Неговата фотографија ја обиколи земјата, во медиуми се објави, негови другари лепеа флаери низ градови, како е можно никој да не го видел сето ова време? Не можам да поверувам дека тој се крие од мене, од брат му, од другарите, нема причина за такво нешто. Ги молам сите, од сите градови во земјава, ако некој знае било што, да се јави во полиција – порача Снежана.

Илија Лазаревиќ е висок околу 180 сантиметри, средна градба, има смеѓа коса и брада. Кога излегол од дома носел темно црвена тренерка, кратки црни пантолони и сиви патики.

Вики Клинчарова

Поврзани новости