Дали за премиерот Димитар Ковачевски, се уште премиер е неговиот претходник, Зоран Заев? Во вечерашното интервју за „Трилинг“ зборувајќи за својот однос со Заев, тој рече дека „со премиерот“ се во добри односи и дека нема никакви разидувања.
-Јас имам комуникација со сите бивши претседатели на СДСМ. Со Шеќеринска често комуницираме за надворешната политика, со Бучковски разговараме на тема за правото. Со премиерот Заев… тој има други обврски сега, немаме разидувања, ниту конфликти. Сите одлуки во СДСМ се носат многу транспарентно и со дебата во телата – рече Ковачевски.
Зборувајќи за случката кога во канцеларијата на вицепремиерот, Артан Губи, заиграа фудбал и кошарка министрите на ДУИ, Ковачевски рече дека секој има право да ја уредува канцеларијата како сака.
-Јас во мојата канцеларија имам единствено лап топ и таблет и еден куп барокни фотелји оставени од еден бивши премиер кои се многу поскапи од било кој спортски реквизит – рече Ковачевски, мислејќи на Груевски.