Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, на денешната прес конференција најави дека ќе обелодени состојба со актуелната поставеност на системот за следење на комуникациите, а која според него, е во спротивност со законската регулатива. Тој потенцираше дека тоа е доказ дека реформите кои се воделе под покровителство на Прибе, суштински не се реализирале.
-Фактите и аргументите говорат дека под формулацијата успешно имплементирани препораки од Прибе се крие бледа и свесна манипилација на граѓаните и на меѓународната заедница. Од страна на политички моќници кои биле или се на високи позиции во безбедносниот систем на државата, рече Чулев.
Чулев рече дека како човек кој долг период е во безбедносните служби бил изненаден од она што го утврдиле стручните служби, а кои се однесуваат на следењето на електронските комуникации.
-Констатирано е фрапантно кршење на законите каде што поранешната УБК, денес Агенција за национална безбедност, се уште ја има задржано посредничката улога во системот за следење на комуникациите а кои се однесуваат за кривични истраги кои што ги спроведува МВР. Односно, по четири години од извештајот на Прибе, состојбата во УБК останува во најголем дел непроменета. Агенцијата се уште е дел од системот за следење на комуникациите, спротивно на законот. Таа се уште има можност за пристап до сите телефонски разговори кои се предмет на оперативна обработка од страна на МВР, рече Чулев.
Тој појасни дека АНБ се уште ја задржала посредничката улога, односно имала увид во следењето на комуникациите.
-И покрај тоа кон крајот на 2019 година направена е надградба на системот кој физички е сместен во АНБ, а е наменет за МВР, и не била отстранета оваа посредничка улога на АНБ, рече Чулев.