Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, на денешната прес конференција потенцираше дека ги доставил сите потребни документи во врска со истрагата „Пациент“ на СЈО, а во која и тој е еден од осомничените.
„Откако почна истрагата на СЈО, сите покажуваат интерес за овој случај. Сакам да повторам дека шпекулациите за овој случај ги имаше и порано и беа насочени директно да ја оцрнат мојата кариера. Јавно барав во повеќе наврати СЈО да отвори истрага и да го расчисти случајот зошто сум чесен во моите постапки, рече Османи.
Тој додаде дека сите документи ги предал во СЈО.
-Истрагата е отворена и изминатите денови собрав документација преку која се расчистува ситуацијата и се гледа дека нема индиции на некакво незаконско работење и дека одлуките се однесени законски и во интерес на граѓаните. Целата документација ја предадов во СЈО и во наредните денови ќе бидат доставени и сите други документи. Што се однесува до мене, овој случај е расчистен и од СЈО добив уверение дека овие документи се пресвртница во случајот, рече Османи.
Тој порача дека улогата на СЈО е од исклучителна важност.
-Останувам на овие принципи и мојата поддршка за она институција останува непроменета и уште повеќе верувам во нивната неутралност. Секогаш сум работел според законот и во интерес на граѓаните – потенцираше Османи.
СЈО заедно со уште 14 лица кривично го гони Османи дека како екс министер за здравство од 2010, наместо да одбие, одобрил предлог на Комиисија за јавни набавки која пак спровела фаворизиран тендер за бугарска фирма која била избрана дфа реконструира неколку болници низ земјава. Слични понуди одобрувал и во уште неколку други случаи.