Случајот „Ровер“, за убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев од 2001 година, во кој еден од обвинетите е и екс министерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски, веќе шест години се влече низ судските лавиринти. Досега беа донесени две првостепени пресуди, но Апелациониот суд ги укина, по што во октомври 2015 година судењето требаше да почне по трет пат. Но и по две и пол години повторената постапка никако да започне.
Денеска во Кривичниот суд требаше да се оддржи рочиште, но судењето повторно се одложи. Во судница не се појавија двајца од обвинетите, односно Ивица Ристиќ и Никола Негриевски.
Според нивните адвокати и двајцата биле болни. Ристиќ неодамна имал операција, па по препорака на лекар морал да мирува до 26 јануари, за што адвокатката достави и лекарски извештај. Сепак, како што рече, лекарот му го продолжил боледувањето, бидејќи се наоѓал во лоша здравствена состојба. За Негриевски пак адвокатката не достави писмен доказ за неговата здравствена состојба. За судот се уште се недостапни и првите четворица обвинети, кои се српски државјани, а на кои им се суди во отсуство.
Дел од обвинетите, кои беа присутни во судница реагираа дека се поминале сите граници, бидејќи судењето никако да започне. Зоран Трајковски истакна дека само си го губат времето, односно постојано мораат да излегуваат од работа, а и секое доаѓање во судница го доживуваат стресно.
-Ова не е судење, ова е циркус. Доколку продолжите да го одложувате, јас повеќе не доаѓам, му рече Трајковски на судијата Илија Трпков.
Судијата Трпков наредното рочиште го закажа за 21 март, и истакна дека доколку и на наредното рочиште не се појават обвинетите, ќе нареди нивно стражарно приведување.
Во стил карактеристичен за него реагираше и Бошкоски, кој му рече на судијата Трпков следното рочиште, по онаа во март, да го закаже во септември за да може летото да работи.
-Знаете судија, јас веќе 14 години сум без работа, од кои 10 години поминав низ затворите. Морам да почнам да работам, рече Бошкоски.
Апелација по втор пат, во 2015 година, ја укина првостепената пресуда за овој случај, поради низа пропусти и грешки и неутврдена фактичка состојба. Тогаш донесе и одлука да се укине притворот за обвинетите Зоран Трајковски, Сашко Јовановски, Ивица Ристиќ и Гоце Митревски, кои три години поминаа зад решетки.
Според првостепената пресуда, за убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев, од 2001 година, обвиентите Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ добија казна доживотен затвор, Вук Вукичевиќ беше осуден на 15 години затвор, Бошкоски доби казна затвор од 10 години и шест месеци, првиот човек на обезбедувањето на Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски доби осум години и шест месеци, по седум добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по пет години и шест месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски.
Обвинетите и одбраната очекуваат конечно овој случај да заврши со повлекување на обвинението, кое е потпишано од Лидија Раичевиќ, бидејќи според нив нема нити еден доказ кој укажува на нивна вина.
Валентина Вурмо