Бугарскиот премиер Бојко Борисов без маска бил во црква, што е забрането, но казната за таа негова постапка од 1.000 лева (500 евра) нема да ја плати тој туку владата. Бугарскиот весникот „Дневник“ пишува дека Регионалниот здравствен инспекторат во Ловеч ќе изрече глоба од 1.000 лева за администрацијата на владата, затоа што одговорноста била на организаторот на посетата, кој дозволил да се прекршат правилата за посета. Иако на чело на таа влада е токму Бојко Борисов.
„На 28 септември, во новата црква ‘Свети Кирил и Методиј’, премиерот повторно ја прекрши обврската изречена со наредба на министерот за здравство за покривање на носот и устата на јавни места во затворени простори во Бугарија. Сепак, казната не е за него лично, а аргументот на шефот на здравствената инспекција е дека одговорноста е на организаторот на посетата, кој дозволил да се прекршат правилата“, пишува „Дневник“.