Српската владина Канцеларија за Косово и Метохија соопшти дека се неточни наводите на претставниците на Приштина дека Белград не и дозволил посета на косовската шефица на дипломатијата, Доника Грвала на Бујановац и Прешево.
Во соопштението се потсетува дека, според договорот за официјални посети, секоја посета меѓу функционери на Белград и Приштина се смета за одобрена доколку експлицитно не е забранета со допис, со што барањето на Доника Грвала е третирано позитивно.
Се додава дека „офицерот за врска кој го претставува Белград денеска и усно му пренел на приштинскиот офицер за врски во Белград дека е одобрена посетата на Грвала во централна Србија и дека може да ги посети споменатите општини согласно важечкиот договор и без статусни знаци“.
За тоа, како што се посочува, сведочи и мејлот со кој приштинскиот офицер за врска денеска му се заблагодарува на белградскиот офицер за врска по повод одобрувањето на посетата.