(АРХИВА) Дали Груевски ги пакува куферите или ќе мора да чека до 2033 година?

За кого ли навива бегалецот во Будимпешта на изборите? За него е од клучно значење кој ќе ја однесе победата, о само помилување од претседателот може да го спаси од 9-годишната затворска казна за „Плацови на Водно“. Другата опција е да чека дури до 2033 година, кога патот за враќање ќе му се расчисти сам.

by fokus

Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус”, во број 1490, на 26 април 2024 година.

Пишува: Валентина ВУРМО

Дали екс премиерот Никола Груевски ги пакува куферите за да се врати дома по речиси 6-годишно бегство од државата?

Ова прашање, по којзнае кој пат, се актуализираше повторно откако зурлите засвиреа пред „Белата палата“ на ВМРО-ДПМНЕ, по првиот круг на претседателските избори.

Иако не е сѐ завршено и претстои втор круг, сепак победата на Гордана СилјановскаДавкова, со 180.000 гласови предност, им даде за право на симпатизерите на најголемата опозициска партија да прогласат победа, барем засега.

Но, остана енигма дали и бегалецот се израдува на победата, бидејќи остана невообичаено тивок, по пребројувањето на гласовите. Ниту честиташе, ниту полемизираше до бескрај, како што тоа најчесто го прави.

Се знае дека не е во блиски релации со сегашното раководство на партијата, но сепак јавноста нема да се изненади доколку дојде до помирување, нели за „доброто“ на државата, т.е. партијата.

Како што стојат работите, реализацијата на ова сценарио не е невозможно. Шеговитите досетки и фотографии со Груевски на бел коњ или во луксузниот мерцедес, како поминува под Триумфалната порта, сѐ повеќе стануваат реалност.

САМО ПОМИЛУВАЊЕ ГО СПАСУВА ОД „ПЛАЦОВИ НА ВОДНО“

Како поминуваа годините, така и пречките се намалуваа за неговиот камбек. Од првични девет случаи, колку што беа наведени во барањето за екстрадиција од Унгарија, му останаа само две пречки.

Повеќето, благодарение на неодамнешните измени на Кривичниот законик, му застареа, а неодамна се спаси и од затворската казна за случајот „Тенк“. Тој избега за да не одлежи двегодишна робија, а бидејќи од правосилноста на пресудата поминаа повеќе од три години, казната повеќе не важи!

Најголемата мака што му е надвисната, е 9-годишната затворска казна за неговиот таен имот, во случајот „Плацови на Водно“. За овој предмет, времето не му е сојузник, бидејќи извршувањето на казната застарува дури во 2033 година. Не може да бара помош „повикај пријател“ ниту во судовите, бидејќи и последниот филтер, Врховниот суд, му ја забетонира казната.

Единствениот спас, на кој може да се надева, е да добие помилување од претседателот на државата.

Но, прашањето е дали ова сценарио полесно би се реализирало доколку кандидатката на неговата матична партија застане на чело на државата?

Силјановска, во своите досегашни јавни настапи, се нема огласено на оваа тема. Таа во 2019 година, кога исто така беше кандидат за претседател, истакна дека со Груевски се има видено само еднаш во животот.

– Со Груевски се имам видено еднаш во животот и тоа не во пријатна атмосфера. Како претставник на Професорскиот пленум му упатив жестоки критики за тогашното законско решение. А, вие (мислејќи на власта) му дозволивте да избега. Треба да е Индијана Џонс да ги помине сите тие граници – рече тогаш Силјановска.

Оваа средба, пак, се чини оставила последици и на Груевски, бидејќи кога ВМРО-ДПМНЕ објави дека таа ќе ја трча претседателската трка, се јави со порака од Будимпешта. Поточно, во пост на Фејсбук индиректно изрази несогласување со номинацијата на Силјановска.

Напиша за влијанието на т.н. пленумци врз падот на неговиот кабинет, илустрирано со највпечатливата фотографија од тој период, кога тој лично доаѓа на собирот на членовите на Професорскиот пленум и го прекинува, поканувајќи ги на средба и на разговори во Собранието. На сликата во преден план е Силјановска-Давкова.

Тој понатаму директно ги посочува членовите на Пленумот како одговорни за почетокот на неговиот пад, која, според него, стартувала токму со противењето на Законот за високо образование предложен од владата што ја предводеше тој.

КОЈ ЌЕ МУ СЕ СМИЛУВА?

Противкандидатот на Силјановска, Стево Пендаровски, пак, неодамна призна дека од него било побарано да го амнестира Груевски, но не посочи никој со име и презиме.

– Да бидам и поексплицитен, на едно неформално ниво, пред 7-8 месеци, некои актери од политичката сцена ме консултираа околу помилување на Груевски, што мислам за таа можност, и реков децидно дека тоа не би го направил никогаш, бидејќи тоа би било рушење на правната држава – рече Пендаровски.

На кажаново имун не остана и бегалецот, па се огласи со барање претседателот да каже кој тоа барал негова амнестија во негово име, бидејќи тој наводно од никого не побарал таква услуга. Имиња бараа и од ВМРО-ДПМНЕ.

За време на изборната кампања, пак, Пендаровски велеше дека Христијан Мицкоски најмногу се плаши од Груевски, со што, на еден начин, се исклучува можноста тој да ја барал услугата.

– На Мицкоски најголем страв му е да не случајно Груевски се врати назад. И сега ме обвинува мене и неколку други политичари дека на тајни средби сме договарале Груевски да го враќаме назад амнестиран. Станува збор за фрапантна лага... – велеше Пендаровски.

Вака гледано, амнестија за Груевски не може да се очекува ниту од Силјановска, ниту од Пендаровски, во зависност кој би победил во вториот круг. Но, сепак, никогаш не се знае со какви договори и условувања ќе биде поплочена идната владина коалиција, па затоа не треба да се исклучи можноста за негово враќање.

И додека двајца се караат, третиот (во случајот ДУИ) се чини најмногу навиваше за враќањето на екс премиерот од Будимпешта. Скриените адути и картите во ракав, сепак, се очекува да се отворат при составувањето на новата владина коалиција.

Освен амнестија, минимални шанси, хипотетички, за спас на Груевски од „Плацови на Водно“ би имало со повторување на судската постапка, но тоа би можело да се случи само доколку има нови докази.

НА ЧЕКОР ДА СЕ СПАСИ ОД „27 АПРИЛ“

Втората пречка, за враќањето на бегалецот, е судскиот процес за „Организаторите на 27 април“, каде што е еден од обвинетите. За него постапката е запрена, но би му се судело веднаш штом стапне на македонско тло. Во меѓувреме, и за овој случај се бара излезно решение.

Тука спасот на Груевски и на останатите обвинети може да им го даде Апелација, доколку го прифати барањето дека и за нив важи амнестијата. Имено, судењето неодамна почна од почеток по вторпат, откако Апелација ја укина првостепената пресуда.

Со претходната пресуда од Кривичен, за делото „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, на шест и пол години казна затвор беше осуден поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, на по шест години и три месеци беа осудени ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, додека поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски доби шест години затвор.

Апелациските судии забележаа оти имало суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка.

Но, меѓу причините за укинување на оваа пресуда, Апелација наведе и дека првостепениот суд ги занемарил приговорите на обвинетите кога барале амнестија според Законот што беше донесен во Собранието, а кој беше првенствено донесен за спас на обвинетите пратеници.

Поточно, повторно се отвори прашањето за селективната амнестија. За Кривичниот суд немаше дилема дека амнестијата не важи за обвинетите организатори на крвавиот четврток, но Апелација забележа дека не се посветиле доволно на прашањето.

Но, наместо самите да го решат ова важно прашање, тие жешкиот костен повторно го префрлија во рацете на колегите од Кривичниот суд.

На повтореното судење, одбраната повторно побара да се примени Законот за амнестија и судењето да запре, но судечкиот судија повторно го одби ова барање како неосновано, со образложение дека законот не се однесува на овие обвинети.

По жалбата во Апелација, овој суд повторно ја прифати жалбата на обвинетите, го укина решението на судијата и му наложи повторно да одлучува.

Сега, додека е во тек повтореното судење, судечкиот судија ќе мора и по третпат да се изјасни по ова прашање. Доколку остане на истиот став, апелациските судии ќе мора да донесат одлука.

Односно, тие да решат дали ќе ја оживеат амнестијата за овие обвинети и тука за нив да заврши кривичниот прогон.

СИЛЈАНОВСКА ВЕТИ ПОМИЛУВАЊЕ

За правосилно осудените за „27 април“, пак, се исцрпени сите правни лекови, но, сепак, тие се крстат во ветувањето на Силјановска дека ќе ги помилува доколку биде избрана за претседател.

– Ако не завршат постапките во Стразбур и ако сѐ уште се во затвор, да, ќе ги помилувам. Така ќе дојде до помирување – рече неодамна професорката Силјановска-Давкова.

По победата на Силјановска во првиот круг, се чини најмногу се израдуваа овие осуденици. Со фотографија од затворот порачаа:

„Седум години го чекаме овој момент, фала ви Македонијо“.

Судскиот процес за 27 април беше и еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот, процесот почна против 33 обвинети, кои беа извршители на упадот во парламентот и на нападите врз пратениците на актуелната власт, но по донесувањето на Законот за амнестија во 2018 година, обвинетите се преполовија.

Највисоката затворска казна од 16 години ја издржува екс директорот на БЈБ, Митко Чавков. Изречените казни се високи поради самата квалификација на делото, кое е едно од најсериозните во нашето законодавство.

Исчекувајќи правда, поминаа веќе шест години како нивните најблиски се зад решетки. Меѓу нив се и долгогодишни истакнати полициски службеници, како Душко Лазаров, Митко Пешов, Горан Ѓошевски-Леви, Оливер Поповски и Оливер Радулов.

И додека се чекаат помилувањата, со бавно или никакво темпо се движи и правдата. Па така, веќе шест години во место тапка и предистрагата за бегството на Груевски. Побаравме одговор од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во која фаза е предметот, но до затворањето на неделникот не добивме одговор.

Пред да биде разрешена, обвинителката Вилма Русковска истакна дека имаат информации кој му помогнал на Груевски да избега, но не и докази за да покренат обвинение за случајот. Оттогаш се чини нема никакво поместување.

Груевски во 2018 година, откако претходно си ги испразни банкарските сметки со 120.000 евра, избега од Македонија. Таму стана бизнисмен, а се посвети и на пишувањето. Неодамна ја издаде и втората книга, а можеби еден ден ќе ги напише и сите детали за неговото бегство.

Ама како што бива кај нас, сигурно тогаш веќе ќе биде застарен кривичниот прогон за помагачите.

Поврзани новости