Осумнаесет полицајци се повредени, кога мигрантите кои биле на грчката страна од границата почнале да фрлаат кон нив со камења, соопшти МВР. Од повредените, двајца се потешко во пределот на главата – од кои еден завршил со потрес на мозок. Сите се примени во болницата во Гевгелија. Од материјална штета, според МВР, демолирани се неколку полициски и армиски возила и штитови.
Револтирани од кревањето на оградата,мигрантите ги каменуваа припадниците на АРМ кои ги поставуваа бетонските столбови и жичаната ограда. Полицијата интервенирала веднаш, по што се судрила со групата од стотина мигранти.
Не помогнала стретегијата на полицајците кои во кордон и штитови се бранеа од камењата кои мигрантите ги фрлаа од кампот во близината на котата 59.На границата се наоѓа и министерот за одбрана, Зоран Јолевски, кој требаше да присуствува на операцијата на поставување на заштитната ограда.
АРМ утрово почна со поставувањето на метална ограда на јужната граница со Грција, на местото каде што мигрантите се обидуваат да преминат на македонска територија на пат кон Западна Европа.