15 илјади деца до 14 години не се вакцинирани

by fokus

Во Министерството за здравство денеска се одржа прес-конференција по повод актуелната состојба од појава на мали сипаници. По прогласената епидемија на мали сипаници во населба Радишани, општина Бутел и согласно одлуката на Националната комисија за заразни болести при Министерството за здравство, епидемиолошките екипи од Центар за јавно здравје–Скопје во соработка со вакциналните пунктови при здравствените домови, во периодот од 21 до 24.12.2018 година извршија контрола на моменталната состојба со вакцинацијата со МРП вакцина на деца на возраст од 12 месеци до 14 години на подрачје на Скопје.

-Контролите на терен покажаа дека во Скопје не се вакцинирани вкупно 15.000 деца на возраст до 14 години, согласно препорачаниот Календар за имунизација. Опфатот е посебно низок кај предучилишните деца, односно, од вкупно 39.009 деца (родени во период 2013-2017), дури 11. 256 (29%) не се вакцинирани. Овие податоци се порака до родителите да ја разберат сериозноста на ова заболување и реалниот ризик за проширување на епидемијата во Македонија и навреме да ги заштитат своите деца, посочи на денешната прес-конференција д-р Владимир Микиќ од Институт за јавно здравје.

Тој потенцираше дека кај 9 од 10 лица, кои биле во контакт со заболено лице, постојат сериозни услови за ширење епидемијата во Скопје и во останатите градови во државата.

Поврзани новости