13-то ноемвриски бележник: Најголемото оружје на малите народи е вистината

by lali

CAM00259Каде е оригиналниот споменик за стреланите скопјани на Kамениот мост на крајот од Втората светска војна? Прашањето е напишано на импровизиран постамент од картон врз кој пак, е поставен партизански споменик. Практично и споменикот е од картон и од испринтан постер, но потсети дека до Камениот мост, на патриотско именуваниот плоштад „Карпошово востание“ некогаш вистински споменик сведочел за значењето на настанот и за ликвидацијата на деветмина скопјани од германскиот окупатор.

Но каде е сега тој партизански споменик, тој нем сведок на големата борба против непријателот, на обидите за ослободување на градот? Зошто уметниците се принудени со реплика со оригиналните пропорции, но не од мермер и од бетон, туку од хартија на истото место да дигнат споменик кој барем еден ден ќе „зборува“ за значењето на Народноослободителната борба?

Граѓаните, иницијатори за поставување на „лажниот“ споменик полн со вистина тоа го направија денеска, во чест на 13-ти ноември – Денот на ослободување на Скопје. Само што го наместија, ревносните обезбедувачи на спомениците од Скопје 2014 дотрчаа со намера споменикот да се отстрани. Но брзо се откажаа кога забележаа дека сепак е картонски и дека нема да остане подолго тука. Тој како макета има еднократна улога – само да потсети на партизаните, но и на односот на власта кон спомениците од НОБ.

А тој однос е игнорирање и уништување на сѐ што значи вистина, слобода, солидарност и правда. Како што патротите на новото време манијачки поставуваат споменици на личности кои не го ни посетиле Скопје, толку пожестоко се крие партизанската историја. Не само што не се подигаат нови споменици за НОБ, туку постои тенденција за нивно целосно истребување.

Така е и со споменикот за стреланите скопјани. Во 2010-тата при градежната инвазија на СК 2014 беше уништен оригиналниот споменик. Потоа во 2012-та е направен обид споменикот да се постави одново, но целиот проект завршува само со нов постамент кој на крајот, наместо да му се стави споменикот, исчезнува. Сега наместо партизанскиот споменик за една вистина, на плочникот се издигнуваат коњи и лавови, за кои многумина се прашуваат какво им е значењето.

Излегува дека тие кои војувале, кои вистински се жртвувале за слободата на народот не заслужуваат ни парче камен, а оние чија улога е спорна во македонската историја, или пак воопшто не се историски важни, им се излеаја бронзи високи.

Сигурен сум дека картонската реплика нема да ја помине ноќта и дека градските чувари на спомениците ќе ја отстранат, но барем некои граѓани слушнаа, а некои ќе слушнат преку малкуте медиуми, дека некои наши сограѓани, тогаш, во 1944-тата, крвнички биле ликвидирани затоа што сакале слобода. Но за таквите нема место во македонската историја кроена по вмровски терк.

CAM00271

Групата граѓани продолжи со посета на оружарницата на партизаните од НОБ. Таа е сокриена меѓу столбовите на новиот Уставен суд. Била сместена во подрумските простории на куќата на Серафим Видовски, која потоа е срушена за да се изгради зградата на Комерцијална банка. Но подрумот, кој ја крие вистината за партизанското оружје, останал недопрен. Тогаш за да не биде срушен затоа што бил значаен простор за народната борба, денес за да остане прокиснат, изветвен и тесен за големината која ја претставува. Пред оружарницата има еден скромен споменик.

Сѐ  уште е здрав ама времето го јаде. На него има релјеф со мотиви од работилницата за оружје. А во оружарницата вистинска партизанска приказна. Тука се правеле мини, бомби и друга муниција. Сега врз старите маси се наредени машините и алатот со кој се поправале пушките. Домаќинот на оружарницата- музеј, Живко Гидовски, сега имал време да подреди сѐ како во аптека. Секој клуч и чекан, секој шраф и нитна. Ги наместил фотографиите од воено Скопје и на присутните им ја раскажа историската вистина- како се пренесувало оружјето, како се крадело од магацините на окупаторот, како младите наместо за книга се фаќале за пушка…

Граѓанската тура која имаше за цел да потсети на големите личности од историјата, кои со живот застанаа да ја одбранат татковината и да го ослободат Скопје, заврши со посета на локациите каде биле сместени Учителската школа околу која се биеле улични битки и на Женската гимназија. Првата е кај бараките на Општина Центар и таму има еден ѕид од тогашната градба, другата е на местото каде денес е Владата на Македонија. Но таму не се потребни паметници, таму фасадата во барок ќе сведочи за едно друго, „постаро“ време. Оти антиката од пред стотици години е поважна од историјата стара само 70 години за која сѐ уште има и живи сведоци.

На крајот на граѓаните им се приклучи и генералот од НОБ, Тодор Атанасовски. Секогаш отворен за искрен, пријателски и „учителски“ муабет. Впрочем како вистински партизан кој знае дека најголемото оружје на малите народи е вистината.

Поврзани новости