Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, се првоосомничените во двете нови истраги кои ги отвори Специјалното јавно обвинитеелство, а денеска ги презентираше пред јавноста како „Тврдина“ и „Топлик“.
-Во првиот предмет, кој се води под името “ Топлик “, постои основано сомнение дека во периодот од 3.4.2007 до 18.2.2013 година во Скопје, првоосомничениот како раководно службено лице од МТВ и пет осомничени службени лица-членови на комисијата за спроведување на постапка за јавно наддавање при Министерството за транспорт и врски, како соизвршители, ја искористиле својата службена положба и, иако биле потполно свесни дека поради нивното дејствување може да настапи штетна последица, сепак, се согласиле со нејзиното настапување, па нанеле штета на средствата од буџетот на РМ во износ од 64.206.839 денари или 1.044.000,00 евра, појасни обвинителката Фатиме Фетаи.
Фетаи појасни дека доказниот материјал упатува на основано сомнение дека откако комисијата за јавно наддавање го информирала првоосомничениот дека поради правни и фактички недостатоци не биле исполнети условите за спроведување на постапка за јавно наддавање за продажба на градежното земјиште за изградба на резиденцијална населба Сончев Град во општина Сопиште, истиот, на ден 03.04.2007 година составил нова комисија за јавно наддавање, за да преку нив и покрај наведените недостатоци ја реализира објавата за јавното наддавање и склучи договор за продажба на градежното земјиште.
-Постои основано сомнение дека второосомничениот како претседател, третоосомничениот како заменик и четврто, петто и шестоосомничениот како членови на новоформираната комисија за спроведување на постапка за јавно наддавање, после само еден ден од нивното формирање, на ден 4.4.2007 година, иако знаеле дека не се исполнети условите за објава за јавно наддавање, постапиле спротивно на чл.3 од Уредбата за начинот и постапката на отуѓувањето, давањето под закуп и висината на посебните трошоци на постапките за отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште сопственост на Р.М. и по претходна согласност од првоосомничениот, изготвиле и до весниците: Дневник, Вечер, Вест и Фајненшл Тајмс, доставиле објава за јавно наддавање за оттуѓување на градежно земјиште сопственост на РМ, за изградба на резиденцијална населба Сончев Град во општина Сопиште, рече обвинителката.
Еве што кажаа обвинителките за втората истрага „Тендери“:
-За вториот предмет-“ Тендери “, од прибраниот доказен материјал произлезе основано сомнение дека во временскиот период од 14.06.2011 г. до 31.12.2013г. , во Скопје, првоосомничената како раководно службено лице од Министерството за култура и тројца осомничени службени лица-членови на комисијата за јавни набавки при МК како соизвршители, ги искористиле службените положби и овластувања и при вршење на јавни набавки, за правното лице ГТД Бетон Штип АД Штип прибавиле корист, која се манифестирала во незаконско повластување-фаворизирање за изведување на завршни градежни и градежно-занаетски работи на објектот Музеј на македонската борба за државност и самостојност – “Музеј на внатрешната македонска револуционерна организација и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим” во Скопје, истакна обвинителката Фетаи.
Таа додаде дека постои основано сомнение дека пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на принципите на конкуренција и транспарентност предвидени во член 2 од Законот за јавните набавки и спротивно на чл.28 од истиот закон, пред да се донесе одлука за потребата од јавна набавка, првоосомничената веќе донела одлука кој, и да ја добие и да ја заврши работата, предмет на набавката.
Министерката за култура, Канчевска-Милеска, за во 14.30 часот најави прес-конференција што ќе ја одржи во Музеј на ВМРО.