Утре почнува ,,Филиграни 2016“: Ниту ЗАМП нема да ги запре свадбарските песни

by fokus 13:50
13:50
  
И покрај забраната на ЗАМП за емитување на македонска музика, популарниот фолк фестивал ,,Филиграни“ сепак ќе се одржи во предвидениот термин, на 21 октомври, во Домот на АРМ во Скопје.
thumbnail_filigrani1

Традиционалниот пренос на телевизија, поради забраната сепак ќе биде одложен, но организаторите најавуваат дека фестивалот одложено ќе биде емитуван на ТВ Сонце, откако ќе се реши проблемот со ЗАМП, поради кој во етерот не се слушаат македонски песни веќе еден месец, а кон забраната се приклучија и авторите од Србија, Хрватска, Црна Гора и Словенија.

Ова ќе биде дваесет и трето издание на фестивалот кој што е познат по свадбарските песни. На ,,Филиграни“ досега настапиле речиси сите популарни фолк пејачи од земјава, а се родиле и голем број хитови. ,,Ти донесов млада невеста“, ,,Розо моја“, ,,Да беше стрела песнава“, ,,Цветанке моја“, и многу други песни кои се редовни на свадбарските репертоари, а се само дел од музичката понуда која што фестивалот со години наназад и ја пласира на публиката.

- Advertisements -

Сепак, поради забраната на ЗАМП, беше одложен фолк фестот ,,Валандово 2016“, и се уште не се знае кога ќе се одржи, поради што, според изјавата на уметничкиот директор Орце Гелевски, организаторите претрпеле големи финансиски загуби.

Вики Клинчарова

Поврзани новости