По средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, како и со неговиот тим, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров најави дека во наредните денови треба да пристигнат 120 милиони евра помош за Северна Македонија од ЕУ.
„Врз основа на финансискиот договор потпишан кон крајот на минатата недела, ќе стигне сума од 40 милиони евра директна буџетска поддршка, а овие денови и транша од макрофинанскиот пакет во износ од 80 милиони евра“, изјави Димитров.
Вицепремиерот бил детално информиран од страна на Европската комисија за најавениот Економски и инвестициски план кој треба да се објави на почетокот на идниот месец.
„Ќе мораме да се стрпиме бидејќи сѐ уште трае процесот на консултации, некаде на почетокот на октомври ќе биде објавен, но очигледно пред нас е голема шанса за инфраструктурно поврзување, за зелена агенда, за економски развој на нашата татковина како и на регионот“, рече вицепремиерот.
Тој се осврна и на почетокот на преговорите со ЕУ, кој Северна Македонија го очекува до крајот на оваа година. За ова разговарал со еврокомесарот Вархеји, кому му се заблагодарил за предлог-преговарачката рамка, која Димитров ја смета за квалитетна.
„Се заблагодарив за неговата и улогата на неговиот тим во однос на новата методологија што го овозможи зеленото светло за политичката одлука да се почне со пристапните преговори, од март годинава. Но и за нивниот дел од работата за преговарачката рамка. Да не заборавиме дека Комисијата излезе со еден добар нацрт“, истакна Димитров.
Преговарачката рамка се дискутира на техничко ниво во ЕУ, каде што земјите членки ги пеглаат своите разлики, посебно во однос на барањата што пристигнуваат од Софија.