Заев: Освен за референдумот со Меркел зборувавме и за економија

by fokus

Освен за референдумот и евроинтегративните процеси премиерот Зоран Заев вели дека главна тема на средбата со германската канцеларка Ангела Меркел, која вчера беше во Скопје, била економијата.

„Со канцеларката Меркел освен што зборувавме за реферeндумот, евроинтеграциските процеси, зборувавме за економија, за економија, па пак зборувавме за дуалното образование заради економија, па зборувавме за странските инвестиции од Германија заради економијата. Темата беше економија“, рече Заев на денешната прес конференција, на која беа презентирани економските ефекти во вториот квартал на годината, каде е забележан пораст на брутодомашниот производ од 3,1 отсто.

Тој кажа дека владата на Германија дала одобрение да се формира Управувачки комитет, составен од министри од двете влади. Задача на овој комитет е реформите во економијата да се прилагодат на европските стандарди.

„Интересот за економска соработка е взаемен, и за Македонија и за Германија. Вкупната трговија е 3,6 милијарди долари, од кои 2,7 милијарди се извоз, или 47 отсто од нашиот извоз е во Германија. Германските компании се заинтересирани за Македонија. Од овде присутните над 200 компании, кои отвориле над 20.000 работни места го потврдуваат своето задоволство и расте интересот за инвестиции. Ние како влади најмалку што може да направиме е да формираме алатки со кои ќе помогнеме тој раст и развој да расте и до крајот на 2018 година да стигне и до 4 милијарди долари“, рече Заев.

Поврзани новости