МВР вчера заплени 91 килограм марихуана во Кичево, при што биле приведени и три лица од Скопје.
-МВР до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против овие лица и уште против три други лица, две од Струга и едно од Скопје, поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело- “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори’’, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција.
Тој појаснува дека марихуаната била набавена од соседна Албанија и ја складирале во Струга, со цел да ја транспортираат во Скопје.
-Вчера, во утринските часови, марихуаната требало да биде пренесена во Скопје и била сместена во патничко моторно возило “Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, во кое биле двајца од приведените, а пред ова возило во улога на т.н. чистач се движело патничко моторно возило „БМВ“ со прилепски регистарски ознаки управувано од еден од сега приведените- појасни Ангеловски.
По претходно изготвен оперативен план, од страна на полициски службеници на влез во Кичево, сопрено е патничко моторно возило „Мерцедес“, а во исто време на излез од Кичево е сопрено и другото возило „БМВ“.
-Трите лица кои биле во возилата се лишени од слобода. При извршениот преглед на “Мерцедесот“, биле пронајдени девет вреќи и една патна торба со марихуана- рече Ангеловски.
На лицата С.О. (22), С.Ф.(22) и И.Ф.(24) од Скопје од страна на Судија на претходна постапка им се одредени мерки притвор во траење од по 30 дена, лицето Е.М. (25) од Струга веќе издржува казна затвор во Казнено – поправен дом Струга и е префрлен во Истражниот затвор во Шуто Оризари, додека по лицата Х.Ф. (23) од Скопје и Б.К. (23) од Струга се уште се трага.