Лага е дека кривичните на Боки 13, против функционери, ќе ги проверува меѓународен правен тим!

by fokus

Не е точно дека кривичните пријави кои пред шест месеци ги поднесе Бојан Јовановски-Боки 13, против функционери, судии, обвинители и лекари, ќе бидат под меѓународен мониторинг на правен тим од странство. Ова е став на Јавното обвинителство, откако „Фокус“ побара одговор да ги коментираат шпекулациите објавени во неколку медиуми, кои одеа дури дотаму дека меѓународниот тим бил составен од десетина експерти, формиран преку дипломатските претставништва.

-До овој момент, до надлежниот јавен обвинител не е доставено барање од страна на одбраната за меѓународен мониторинг на предметот за кој покажувате интерес. Нагласуваме дека Јавното обвинителство согласно Уставот е единствен и самостоен државен орган надлежен за кривичен прогон на сторителите на кривични дела. Оттука, не постои институционална можност предвидена со закон или друг пропис, за мониторинг на постапувањето на јавното обвинителство по конкретен кривичен предмет, ни одговорија од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека согласно правилата на кривичната постапка, судењата се јавни и по тој основ јавноста и заинтересираните страни имаат увид во постапувањето на надлежните органи во текот на постапката.

-Барањата за ад-хок надворешно мониторирање во постапувањето на јавното обвинителство и другите органи во кривичната постапка претставува нарушување на државниот суверенитет и интегритет. Оттука, сметаме дека ваквите барања се непринципиелни и штетни.
Законот за кривична постапка, како системски закон, има вградено внатрешни механизми на контрола на постапувањето на пониските од страна на повисоките органи со цел правилно водење на постапката и заштита на правата на странките, како и за реализација на основното начело – сторителите на кривични дела да бидат санкционирани и притоа никој невин да не биде осуден, велат од Обвинителството за „Фокус“.

Боки 13 кон крајот на минатата година поднесе десетина кривични пријави за повеќе кривични дела, меѓу кои и за злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно лекување на болни, тортура, обид за убиство и др.

-Поради фактот дека се работи за предистрага и само поднесување на кривична пријава, не можам да кажам за кои лица станува збор, само ќе кажам дека станува збор за претставници на медицинската струка кои учествувале во некакви процеси, претставници на власта, на судската и на обвинителската фела, изјави тогаш неговиот адвокат Сашко Дукоски.

Од Обвинителството ни одговорија дека предметот се наоѓа во фаза на предистрага.

-Конкретниот предмет се наоѓа во фаза на предистражна постапка и надлежниот јавен обвинител интензивно постапува и презема дејствија за проверка на наводите во кривичната пријава, ни изјавија од Обвинителството.

Во меѓувреме пак наскоро се очекува одлуката на Апелација за случајот „Рекет“, односно дали ќе ја потврди првостепената пресуда, ќе ја преиначи или ќе ја укине и судењето ќе почне од почеток. Јовановски со првостепената пресуда беше осуден на 9-годишна казна затвор, а Катица Јанева на 7 години. И двајцата се наоѓаа во домашен притвор.

Валентина Вурмо

Поврзани новости