Долгогодишни колеги, роднини и пријатели дојдоа денеска во Драмски театар на комеморацијата за актерката Билјана Беличанец Алексиќ, која почина во саботата вечерта.
Режисерот Слободан Унковски, актерите Диме Илиев, Драган Спасов Дац, Игор Стојчевски, Благоја Човечки, Лазе Манасков се само дел од актерите кои дојдоа да и оддадат почит на Беличанец.
Билјана Беличанец (1973-2019) беше актерка во Драмскиот театар од 1997 година, а три години претходно работеше во Прилепскиот театар. Од дипломирањето на ФДУ во 1994 Беличанец имаше голем број театарски улоги и награди на фестивали.
Играше во претставите: „Заводникот од западниот свет“; „Свадбата на Фигаро“; „Кандид во земјата на чудата“; „Тетовирани души“; „Три сестри“; „Домот на Бернарда Алба“; „Демонот од Дебар Маало“; „Кинегонда во Карлаленд“; „Грев или шприцер“; „Последните Македонци“; „Љубовници“…, како и во филмовите „Мајки“ и „Од денес до утре“. Беше дел од ТВ-проектот „Здраво генијалци“, а во последните години го позајмуваше гласот за ликови во турски ТВ-серии.
Во 1996 на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп ја доби наградата „Трајко Чоревски“ за најдобар млад актер за улогата на Медеја во истоимената претстава. Четири години подоцна доби награда за најдобар млад актер и на Мали и експериментални сцени во Сараево, за улогата на Ерика Брукнер во претставата „Мефисто“.
На прилепскиот фестивал Беличанец доби награди за најдобро актерско остварување – во 2009 за улогата Кинегонда во претставата „Кинегонда во Карлаленд“ и во 2012 година за улогата на Сара во „Генетика на кучињата“.
Денеска е ден на жалост во општина Кисела Вда каде Беличанец беше градоначалничка од 2013 до 2017.
Јорданчо Цветаноски