Мислењето на Министерот за правда, Бојан Маричиќ, дали да му се даде помилување на бизнисменот Сеад Кочан, официјално се уште не било испратено кај претседателот Стево Пендаровски, велат за “Фокус” од министерството.
-Групните помилувања се прават секоја година по повод Нова година. Списокот со лица кои ги исполнуваат условите за делумно скратување на казната доаѓа на предлог на установата во која осудениот ја издржува казната. Затворските установи ширум државата предлагаат список на лица кои ги исполнуваат критериумите за каков било вид на помилување. Во случајов затворот Идризово, меѓу другото, предлага и намалување на затворската казна за Сеад Кочан за шест месеци, што во ниту еден случај не значи целосно ослободување од казна, ни одговорија од Министерството за правда.
Оттаму додаваат дека, во овие, како и во сите други групни помилувања Министерството за правда е само една од неколкуте институции кои се дел од процесот.
-Во конкретниот случај, списокот доставен од затворите е во фаза на преразгледување и консултации пред да биде доставен во финална верзија до Комисијата за помилување при Кабинетот на претседателот на државата. Конечниот список на лицата за кои се предлага да бидат помилувани или да им се намалат казните се уште не е официјално испратен во Кабинетот на претседателот на државата. Конечната одлука за помилување согласно закон ја носи лично претседателот на државата, велат од правда.
Бизнисменот Кочан во затворот „Идризово“ издржа речиси половина од казната, која му беше изречена за предметот „Труст“ на СЈО. Тој со првостепена пресуда беше осуден на 6-годишна казна, но Апелација му ја намали казната на 4 години и 8 месеци.
По барањето за помилување предлог треба да даде министерот Маричиќ, а покрај неговиот став, сепак последниот збор ќе го има претседателот Стево Пендаровски.
Поточно, според Законот за помилување, откако министерот за правда, во случајот Маричиќ, ќе ја разгледа молбата, со свој предлог, ќе ја испрати до претседателот Стево Пендаровски. Случајот тогаш го превзема Комисијата за помилување на претседателот, која носи мислење и истото го доставува до претседателот.
Врз основа на мислењето на Комисијата, како и врз основа на предлогот на министерот за правда, претседателот Пендаровски ќе ја донесе конечната одлука, односно дали ќе го помилува Кочан и ќе му дозволи предвреме да излезе на слобода.
Управителот на компанијата „Трансмет“, Сеад Кочан беше осуден бидејќи со лажни документи учестувал и добил тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра.