Околу 100.000 Унгарци излегоа вчера вечер низ улиците на Будимпешта за да протестираат поради најавата дека ќе се одданочува користењето на интернетот, мерка која активистите за човекови права ја толкуваат како обид на Владата на Виктор Орбан дополнително да ги задуши демократските процеси во во оваа земја, членка на ЕУ, јавува „Ројтерс“.
Унгарија од идната година планира да го оданочува користењето на интернетот и со оваа давачка државата ќе ги зголеми буџетските приходи. Мерката ќе биде последна од серијата на нови давачки што ги вовела партијата Фидес откако дошла на власт во 2010 година.
Унгарската држава ќе им наплаќа по 0,62 долари на корисниците на интернет за секој гигабјат што ќе почнат да го трошат во текот на еден месец. Поради оваа идеја активистите преку Фејсбук се организираа за протести со образложение дека новата давачка ќе го ограничи пристапот на интернет и преку тоа ќе ја загрози слободата на изразувањето.
Се претпоставува дека новиот данок лесно ќе помине во Собранието бидејќи партијата на премиерот Виктор Орбан, Фидес поседува двотретинско мнозинство во законодавниот дом во Будимпешта.