Поранешните сопартијци и градоначалници од редовите на СДСМ, Зоран Заев и Стевчо Јакимовски, а сега лидери на конкурентски партии – СДСМ и ГРОМ, си разменија жестоки обвинувања меѓу себе за тоа кој е поголем предавник.
Лидерот на СДСМ, Заев, на синоќешниот митинг во Карпош го нарече Јакимовски бандит, кој, според него, извршил предавство за пари.
-По наша грешка, вториот бандит ви е овде, во општината. И не не предаде тој нас, со своето заминување. Ја предаде својата душа, своите деца, а после граѓаните. Знаете зошто? Пари се во прашање, пусти пари. Предавник за пари. Затоа дозволете ќејфот од Карпош да си го направам. Да го повикам првиот бандит на дуел. Никола Груевски те повикувам на дуел. Прифати! Зошто бегаш, зошто молчиш? Нели е демократија? Или потврдуваш дека не е. Ако ти е тешко, земи го и вториот бандит со тебе. И Стевчо нека дојде, да позборуваме и за парите и за криминалот и за злосторството и за бандитизмот. Богови станавте. Повелете на дуел ако останало нешто достоинствено во вас, ако не скријте се во сукњичката на мајка ви и заборавете на власта. Вашето време заврши – рече претседателот на социјалдемократите во Карпош.
Во интервју за неделникот Република, Јакимовски, пак, го обвини Заев дека извршил национално предавство со тезите дека Македонија е најголемиот проблем на Балканот.
-Прашањата на двојазичност, бинационална држава се прашања што ќе се дискутираат, ќе се дебатираат. Во крајна линија, тој ги лаже албанските гласачи затоа што за таква работа е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, така што лесно дава ветувања, ама тие се тешкоостварливи. Значи, мора да има широк политички консензус за таква работа, а очигледно тој за таа работа нема да има широк политички консензус, што значи дека тоа се обични флоскули, памфлети и ветувања. Но, тоа се прашања, да речеме, кои се отвораат, кои се дискутираат, има полемики итн. Да кажеш „твојот народ има грдо лице“, да кажеш дека „не може за сѐ другите да ни се криви, вината е кај нас“, да кажеш дека „голем проблем на Балканот е твојот народ“, мислам дека нема поголемо предавство, односно велепредавство за еден човек. Вакво нешто немаат кажано ни најтешките националисти од соседните земји – вели тој.