Вицепремиерот Бујар Османи потрошил најмногу пари за мобилен телефон во споредба со другите членови на владата, по нејзиното формирање до крајот на минатата година.
Според алатката за отчетност за функционерите, тој потрошил 134.414 за мобилен телефон, што е повеќе во споредба со хотелско сместување во странство, за што потрошил 109.368 денари.
По него следува неговиот сопартиец од ДУИ, министерот за економија Крешник Бектеши, кој за мобилен телефон потрошил 130.164 денари.
Инаку, тој е рекордер меѓу министрите според средствата потрошени во угостителски објекти, а предничи и во категоријата за авионски билети.
Понатаму, министерот за животна средина Садула Дураку за телефонски услуги потрошил 78.459 денари, додека министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски 44.993 денари.
Другите членови на владиниот кабинет значително помалку разговарале на службениот мобилен телефон, така што министерот за култура Робер Алоѓозоски за оваа намена потрошил 3.769, а министерот за финансии Драган Тевдовски само 1.700 денари.
Премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, воопшто не направиле трошок во оваа ставка.