Заев ја фрли првата „бомба“, деновиве следуваат нови

Првите детали од долго најавуваната „бомба“, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска ги обелодени на прес-конференција во партиското седиште во Скопје во присуство на голем број новинари и партиски симпатизери. Тој побара од јавноста да биде трпелива, бидејќи како што истакна набрзо ќе следуваат и останатите детали од „бомбата“.

На денешната прес –конференција Заев ги обвини премиерот Никола Груевски и првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, дека по нивен налог биле прислушувани околу 20.000 граѓани. Тој истакна дека покрај прислушуваните опозиционери, новинари, има и министри од Владата, а бил прислушува и претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

-Освен премиерот Груевски и Мијалков, прислушувана е комплетната политичка, судска, медиумска и бизнис елита во Македонија од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање, истакна Заев.

a3

Како поткрепа на кажаното, Заев објави снимки од прислушувани разговори, на кој тој самиот ја има главната улога и разговара со новинари, соработници, со Радмила Шекеринска, но и со неговата малолетна ќерка.

-Ме прислушувале и следеле во период од 4 години, или слушале над 300 мои телефонски разговори, меѓу кои и разговори кои ги водам со моите деца, истакна Заев.

Тој објави уште неколку прислушувани разговори на кои зборуваат министерите Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска, како и разговори на Али Ахмети, Руфи Османи, Мендух Тачи, Руфи Османи и Љубчо Георгиевски.

Поради тоа, СДСМ најави поднесување кривична пријава против Мијалков, против началникот на 5-та управа во МВР, Горан Груевски како и против непознати лица во УБК.

Заев тврди дека тој бил непрекинато прислушкуван во последните четири години, иако според законот, најдолг период за прислушување на одредено лице е 14 месеци и тоа со дозвола на судија или јавен обвинител.

-Прислушувани се сите лидери на политички партии. Материјалот ги надминува нашите најцрни очекувања. Република Македонија е поделена на два света, едниот на Сашо Мијалков и Никола Груевски, а другиот на сите останати чии права се погазени, рече Заев.

Лидерот на СДСМ вели дека според обемот и опфатот на снимениот материјал такво нешто можело да се изведе само со софистицирана опрема, а разговорите можела да ги следи само домашната служба.

Прислушкување не е можно без учество на УБК и мобилните оператори, велат од СДСМ, од каде преку кривичната пријава против Груевски и Мијалков бараат и вештачење на автентичноста на снимките.

-СДСМ целосно ја има изгубено довербата во правосудните органи, но ако Јавното Обвинителство покрене независна истрага за овој случај ние максимално ќе го поздравиме тоа“, порача Заев, и најави дека во наредните денови ќе објават уште повеќе слични документи.

a1