Воведниот говор од СЈО за „Триста“: Поповски ги избирал поскапите понуди

by fokus

Специјалното јавно обвинителство денеска на рочиштето за предметот „Триста“ го имаше воведниот говор. Истиот Ви го пренесуваме во целост:

„Една од најбитните задачи на МВР е да спречува и открива сторители на кривични дела. Со самото тоа, особено од вработените во Министерството, се очекува да постапуваат согласно законите во Република Македонија. Министерството за внатрешни работи во 2008 година имало потреба од купување на 300
патнички моторни возила и набавката на истите е направена во постапка за јавни
набавки. Постапката за јавни набавки е предвидена со цел да се избере економски
најповолна понуда и со тоа рационално и ефикасно да се потрошат буџетските средства.
Меѓутоа, обвинетиот Ѓоко Поповски не ги почитувал одредбите од Законот за јавните
набавки, врз основа на критериумот за доделување на договор за јавна набавка не
избрал економски најповолна понуда, што резултирало со директна материјална штета на средствата на Министерството. Во текот на постапката ќе докажеме дека во временскиот период од 2008 до 2012 година во Скопје, обвинетиот како службено лице, помошник министер во Министерството за внатрешни работи, овластен да ги спроведува постапките за јавни набавки во Министерството, ја искористил својата службена положба и овластувањата, при вршење на јавни набавки и нанел штета од големи размери на средствата на Министерството за внатрешни работи во вкупен износ од 27.894.522 денари или 453.569 евра.
Во текот на истражната постапка е собран обемен доказен материјал, од кој би го
издвоиле економско – финансиското вештачење. Со овие докази ќе докажеме дека при
спроведување на постапката за јавна набавка на 300 патнички моторни возила за
Министерството за внатрешни работи, обвинетиот незаконски ги повластил економските оператори Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје, на начин што извршил избор на понуди од економските оператори, иако понудите што ги дале овие економски оператори не биле утврдени како економски најповолни понуди врз основа на критериумот за доделување на договор за јавна набавка-економски најповолна понуда. Конкретно, обвинетиот постапил во спротивност со чл.2 и чл.162 од Законот за јавните набавки со што средствата на Министерството во постапката за доделување на договори за јавна набавка ги искористил нерационално и неефикасно. Ова од причина што го
прифатил предлогот за избор на најповолна понуда на Комисијата за јавни набавки даден во Извештајот од спроведената постапка, иако истиот бил во спротивност на чл.161 ст.1 и
чл.162 од Законот за јавните набавки.
Комисијата за јавни набавки за секој лот извршила бодување и рангирање на понудите на економските оператори според критериумот за доделување на договорите-економски
најповолна понуда па, наместо да се склучат договори за економски најповолните понуди
за секој лот според рангирањето, спротивно на утврдениот критериум се извршило
набавка на различни видови на патнички моторни возила од различни модели и
производители.
Наместо да се склучи договор со економските оператори кои имале економски најповолна понуда за секој од лотовите, без посебен критериум обвинетиот склучил договори и со економските оператори кои немале економски најповолна понуда според критериумот за доделување на договорите. Иако обвинетиот знаел од содржината на Извештајот од спроведената постапка на Комисијата за јавни набавки кои се економски најповолните понуди за секој од лотовите, сепак склучил договори и со економските оператори кои немале економски најповолна понуда, со што незаконски ги повластил.
Доколку биле склучени договори само со прворангираните економски оператори за
целата количина на возила за трите лота Министерството за внатрешни работи ќе
платело вкупно 27.894.522 денари помалку и немало да постои штетата во истиот износ.
За оваа јавна набавка МВР исплатило вкупно 318.050.292 денари, што е 27.894.522
денари повеќе од збирот на економски најповолните понуди за трите лота што ги
понудиле прворангираните економски оператори, што изнесувало вкупно 290.155.770
денари. Од сите предложени докази во обвинителниот акт ќе се докаже дека обвинетиот со незаконито постапување, нанел штета од големи размери во износ од 27.894.522 денари на средствата на Министерството за внатрешни работи, со што сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 од КЗ.“

Поврзани новости