Во налет на обвиненијата од СЈО, се менуваат судии од одделот за организиран криминал

by Fokus

Откако стана јасно дека по обвиненијата кои ќе пристигаат од Специјалното јавно обвинителство нема да постапува Специјален суд, туку судии од Кривичниот суд, почна да кружи шпекулација дека дел од судиите кои судат предмети од организиран криминал, побарале преместување во други оддели. За ова веќе пишувавме во последниот број на неделникот „Фокус“, а од судот прецизираа дека дел од судиите, од приватни причини, побарале преместување од еден во друг оддел.

Од судот не сакаа да одговорат точно колку судии од Организиран криминал побарале да си заминат, бидејќи во овој оддел се очекува да завршат најголемиот дел од обвиненијата на СЈО. Набрзо по објавувањето на текстот од Кривичниот суд ја информираа јавноста дека судијката Сандра Крстиќ е прераспределена во друг одел, а смената ја побарала поради лични и семејни причини. На нејзино место ќе суди судијката Ленка Давиткова која досега постапуваше по случаи од Одделот-Кривично полнолетни. -Имено, прераспоредувањето на судиите се во рамките на кадровското усогласување на годишниот распоред поради организациски причини со кои не би се довела во прашање работата на судот, велат од Основниот суд Скопје 1.

Желбите за тоа кој каде сака да биде прераспределен судиите ги кажале на одржаниот колегиум на 13 септември, поради што од судот најавуваат дека и во следниот период ќе следат нови одлуки за смени. Во одделот за организиран криминал судат седумина судии, а според информации на „Фокус“ нодамна неколкумина побарале веднаш да си заминат. Случајно или не, во овој период се одложија и неколку судења од истиот одел, поради болест на судијата или слична причина. Прв знак дека нешто се случува во овој одел беше и одлагањето на судското рочиште за случајот „Пуч“, на кое требаше да се обрати и специјалната јавна обввинителка Катица Јанева, бидејќи СЈО ја презеде надлежноста од Обвинителството за организиран криминал. Но, наместо да се одржи главна расправа, закажана на 16 овој месец, судијката Љубинка Башеска ја одложи, поради отсуство на поротник, кој ненадејно се разболел, иако законот предвидува негова замена.

Да биде сомнежот уште поголем, судењето се одложи без присуство на јавноста, односно на новинарите не ни беше дозволено да влеземе во судница. Наредното рочиште е закажано за 1 ноември, на што се побуни обвинителката Јанева, бидејќи според неа случајот непотребно се одолговлекува.

На 19 овој месец, се одложи и главната расправа за уште еден предмет од одделот за организиран криминал, „Изгрев“. Овој случај требаше да почне од почеток, по трет пат, бидејќи досега Апелација во два наврати ја укина првостепената пресуда, а за него беше задолжена судијката Крстиќ, која веќе доби преместување. Овој месец се одложи и судењето за случајот „Сопот“, бидејќи судијата од организиран Јани Нича, од неодамна е судија во Апелациониот суд.

Пишува Валентина Вурмо

Поврзани новости