Владата на последната седница донесе предлог-одлука да се менува Уставот на Република Македонија. Во владиниот предлог има осум точки на кои Владата се фокусирала во предлогот за менување на највисокиот државен акт. Премиерот Никола Груевски вели дека измените се прават во насока на допрецизирање, подобрување на квалитетот, зголемување на независноста и подобро функционирање на системот.
Ова се точките за кои Владата бара уставни измени:
1. Промена на називот на Народната банка на Република Македонија;
2. Дефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена;
3. Воведување на институтот Уставна жалба;
4. Промена на составот на Судскиот совет на Македонија;
(Зголемување на бројот на судии членови на судскиот совет избрани од страна на судиите и исклучување на членовите по функција на министерот за правда и претседателот на Врховниот суд)
5. Промена на надлежноста за одлучување по жалба на одлуките на Судскиот совет на Македонија;
6. Прецизирање на фискалните правила во рамките на Буџетот и тоа за буџетскиот дефицит и јавниот долг;
(Уставно загарантиран максимум на буџетски дефицит кој во устав ќе биде пропишано да не е поголем од 3 отсто од БДП и јавниот долг да не биде поголем од 60 отсто од БДП).
7. Создавање на уставна можност за формирање на финанскиска зона;
8. Дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија.