Вечерва 21–во издание на ,,Златна бубамара’’: Сања Долежал од Нови Фосили го прошета ,,новото’’ Скопје

by Fokus
Вечерва со почеток од 20 часот во Вип арената Борис Трајковски ќе се одржи 21- то издание на манифестацијата ,,Златна бубамара на популарноста’’. Мотото на годинашното издание на настанот е 21 издание во 21 век за подобар живот.

Ранко Петровиќ, автор и режисер на популарното забавно шоу веќе откри дел од наградените гости. Со наградата за “Трајни музички вредности” ќе се закити легендарната Маја Оџаклиевска, а за животно дело награда ќе добие октетот ,,Македонија’’.

-Наградите ги доделува Академијата на ,,Златна бубамара’’, која ја сочинуваат 21 член, од кои четворица до шестмина се нови, односно нив ги менувам секоја година. Ги држам во тајност за да нема притисоци и за да имаат правична одлука. Јас сум претседател на Академијата, пофалбите доаѓаат до мене, а исто така и ако нешто сме згрешиле. Но, досега сум оставил чист образ – информираше Петровиќ.

Вчера на официјалниот профил на Златна бубамара тој сподели заедничка фотографија со Сања Долежал и Владимир Кочиш – Зец од групата Нови Фосили.

Фотографирани се во центарот на Скопје, а во позадината се гледа споменикот Воин на коњ. Ова е нејзина прва посета на ,,новото’’ Скопје, и била изненадена од промените, односно спомениците низ градот. Тие исто така, во име на групата ќе ја примат наградата за трајни музички вредности.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости