Тројцата професори од Економскиот факултет при штипскиот Универзитет од денеска во 16 и 30 часот официјално го почнаа штрајкот со глад во просториите на факултетот, за кој како што велат, ќе трае се додека не се исполнат нивните барања. Тие бараат од Ректорската управа веднаш да постапи соогласно законските прописи и да го прифати предлогот содржан во рефератите на рецензионите комисии, како и разрешување на деканот на факултетот Ристо Фотов поради нарушување на законитоста.
Сите тројца, доктори на науки Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски правдата ќе ја бараат на овој начин, затоа што сметаат дека наместо да бидат унапредени, тие незаконски се избркани од работа.
– Не смееме да дозволиме самоволието на деканот на Економскиот факултет во Штип, Ристо Фотов негативно да се одрази не само врз нашите кариери, животни судби, туку и врз квалитетот на самата институција Економски факултет, Универзитетoт Гоце Делчев и врз високото образование во Македонија – се наведува во соопштението од професорите.
Тие додаваат дека, ако овој волунтаристички потег на деканот, со кој се кршат повеќе законски акти и етички норми, помине не санкциониран, тие тројцата ги губат своите работни места.
– Ние ќе останеме без работа, а колегите кои ќе останат и понатаму да работат на факултетот, постојано ќе бидат исправени пред предизвикот дали и покрај покажаниот квалитет за што единствено мерило е оценката на рецензентската комисија, ќе се соочат со обидот да бидат одстранети од своите работни места – се наведува во испратеното соопштението.
Тројцата професори добија поддршка и од СОНК. Фокус“ се потруди да стапи во контакт со деканот на Економскиот факултет, Ристо Фотов за да ни ги објасни случувањата и проблемите на факултетот. Но, тој не одговараше ниту на нашите телефонски повици, ниту на испратените смс -пораки.