Сосема коректен е и не треба да загрижува никого процентот со кој ќе се зголеми акцизата за дизелот, посочи министерот за финансии, Драган Тевдовски на денешната презентација на Предлог- буџетот за 2018 година пред бизнис заедницата. По лавината реакции во јавноста дека зголемувањето на акцизата ќе придонесе и за поскапување на овој енергенс, Тевдовски побара од медиумите да не манипулираат со темата.
– Апелираме посебно до медиумите, ако не се стручни, да не манипулираат на оваа тема – потенцира Тевдовски.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, истакна дека зголемувањето на акцизата ќе има сериозен импакт врз стопанството.
На прашањето од Стопанската комора за долгот на државата кон приватниот сектор, Тевдовски одговори дека во Министерството за финансии е веќе направен софтвер кој треба да ги прибира овие податоци и веќе се тестира. Истовремено, се прават подготовки за носење нов закон со кој сите од Министерството ќе бидат задолжени месечно да го полнат софтверот што пак ќе овозможи јавноста да се информира, но и соодветно да се креираат политиките.
На забелешката зошто буџетот е поголем од лани, министерот Тевдовски одговори дека кај нас државната каса е проектирана на 32 отсто од БДП во споредба со развиените земји каде изнесува 50 до 55 отсто од БДП.
– Нема простор да се тврди дека буџетот е преголем зашто е многу под она што всушност треба да биде. Но, такви промени не сакаме да направиме преку ноќ, се што се менува ќе оди постепено – истакна Тевдовски.