Талат Џафери го повлече законот за забрана на бомбите

Предлагачите Талат Џафери и Крсте Муковски вечерва го повлекоа законот за забрана за поседување, обработка, објавување и располагање со материјали кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите. Откако работната група за спроведување  на договорот од Пржино цел ден преговараше за овој спорен предлог-закон, на крај предлагачите од власта го повлекоа.

Попладнево пак, Талат Џафери беше дециден дека нема да го повлече законот за забрана на објавување на бомбите. Овој предлог-закон предвидуваше казна затвор од 4 години ако некој медиум објави некој од телефонските разговори. Исто така, доколку овој закон се усвоеше, тогаш сите медиуми од своите веб-страни ќе требаше да ги избришат сите текстови поврзани со материјалите од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ и никогаш повеќе да не ги реобјавуваат или користат на било кој начин.