Билатералните средби и разговори меѓу македонската и грчката влада се само подготовка за продолжување на разговорите под покровителство на медијаторот во спорот за името Метју Нимиц, вели поранешниот министер Ѓорѓи Спасов, коментирајќи го ставот на експремиерот Љубчо Георгиевски дека Македонија вегла во дипломатска замка со билатерални средби, наместо да се потпре на Нимиц.
„Георгиевски не гледа дека тоа е фаза во разговорите и обид за зголемување на меѓусебната доверба на страните вклучени во преговорите со посредство на Нимиц. Нимиц и натаму ги води преговорите и е единствено надлежен за давање на предлози кои ќе одат пред Советот за безбедност ако се постигне согласноста на двете страни.
Не треба да се плашиме од директни средби и разговори меѓу претставниците на Македонија и Грција. Во овој вид разговори не се разговара ниту за продажба на „Окта“ ниту се заклучуваат тајни зделки за големи бизниси. Затоа мислам дека со тие директни разговори не само што не се влегува во некаква дипломатска замка туку се излегува од замката на стравот на двете најзаинтересирани страни да разговараат отворено за сопствените стравови и ставови“, напиша Спасов на неговиот фејсбук профил.