Македонија треба да размисли не за членство во ЕУ, која се распаѓа, туку за некаков балкански сојуз и, секако, за приклучување во Евроазиската економска унија, рече Леонид Савин, советник на рускиот претседател, Владимир Путин, на панел дискусијата организирана од партијата „Единствена Македонија“.
На панелот, под име, „Република Македонија во стратешки сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија“, присуствуваше и Александар Дугин, советник на Путин и креатор на сесловенската стратегија на Русија.
Тој рече дека Русија нема да ја спречува или да ѝ се меша на Македонија дали ќе влезе во ЕУ или во НАТО и ќе го почитува тоа, дека македонскиот народ и Македонија треба сами да одлучат, но треба да имаат избор.
Претходно, на прашања на новинарите, Дугин не даде конкретен коментар за Договорот за добрососедство со Бугарија и за процесот за решавање на спорот за името со Грција, туку само рече дека „секој сам треба да одлучува за својата иднина и дека е важно сите словенски народи да се обединат“.