Скандал: Околу 80 бебиња починале на Клиниката за гинекологија за 6 месеци, а само 20 во последните две недели

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Повеќе од 80 новороденчиња починале на скопската Клиника за гинекологија за шест месеци, а само последните две недели починале околу 20 бебиња, што е алармантна бројка која ги исплашила и родителите и дел од вработените на клиниката.

„Фокус“ ексклузивно дознава и располага со документи, имиња и презимиња на дел од пациентките на клиниката чии бебиња починале во последните неколку месеци. Според нашите информации, последниот случај на починато бебе бил вчера кога мртвиот плод на мајката бил изваден со царски рез. Бебето било женско, тешко 3830 грама и долго 52 сантиметри. Исто така, новороденче починало на 13 јуни, 2016 година. Се работи за 25-годишна пациентка која родила машко бебе тешко 2800 грама, долго 50 сантиметри, работена царски рез на 10 јуни, а само после три дена новороденчето починало.

„Фокус“ располага и со документ во кој бројот на историја е 7659, а се работи за 35 годишна пациентка од Скопје, родена 1981 година, која исто така била оперирана царски рез. Според документите, бебето починало во мајката, па морало да се направи царски рез за да се извади мртвиот плод од мајката.

Нашата редакција располага и со имињата на пациентките, но и на лекарите кои извршиле породувањата, но засега само одлучивме да ја објавиме нивната возраст и датумите кога се случиле породувањата и кога починале новороденчињата. Како дел од причините за зголемената смртност на бебињата се наведуваат нестручноста на дел од лекарите, инфекциите, предвремените породувања.

13535895_10210160267228328_479654803_n

Нашите извори коментираат дека ситуацијата на клиниката станува алармантна и дека повеќе не можат да премолчат што се случува таму со оглед на тоа дека се работи за нова зграда која почна со работа на само неколку дена пред предвремените парламентарни избори на 5 јуни, 2011 година.

– Ова што се случува тука е кланица. Мора да се најде начин да се спречи умирањето на бебињата. Ние сме преплашени од овие случувања – коментираат дел од лекарите на клиниката.

„Фокус“ се потруди да стапи и во контакт со директорката на скопската Клиника за гинекологија Марија Хаџи-Лега, но не успеавме да ја добиеме на телефон. Според нашите информации таа заминала на одмор. И, испративме и смс порака за да ја прашаме колку точно бебиња починале и кои се причините за тоа, но до објавувањето на текстот од таму не добивме повратен одговор.

Додека на Клиниката за гинекологија се зголемува бројот на починати новороденчиња, министерот за здравство Никола Тодоров денеска од Штип тврдеше дека 93 отсто од подготвителните работи за изградба на новата болница таму се завршени. Тој неколку пати досега излегуваше на прес-конфенции тврдејќи дека се намалува бројот на починати бебиња, но новите алармантни бројки го демантираат.

Тоа што е карактеристично за Клиниката за гинекологија е што досега од таму никој не излезе да даде точни бројки колку вкупно бебиња починале и зошто? Сите податоци се кријат како „државна тајна“ или како строго доверливи информации.

Ова се само дел од информациите кои одлучивме да ги објавиме. Подетални информации и документи ќе бидат објавени во наредниот број на неделникот Фокус.

Поврзани новости